Утрински Весник
Балкан

Во рација во северно Косово запленети околу шест милиони динари и десетици илјади долари и евра

Kosovo.jpg

Косовската полиција соопшти дека во рациите што вчера беа извршени во два објекта на српски паралелни структури во Лепосавиќ, во северно Косово, во банка и во филијала на Министерството за финансии на Србија, се запленети околу шест милиони српски динари и десетици илјади долари и евра, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во 24-часовниот извештај на полицијата се вели дека во случајот, кој е опишан како „перење пари и злоупотреба на економски овластувања“, се запленети и повеќе печати и документи, кои според полицијата, го докажуваат незаконското работење на тие институции.

„Во врска со случајот, на 12.09.2024 година полициски единици извршија проверки на две локации, под сомнение дека финансиските институции ги сториле наведените дела. За време на рацијата, беа запленети: 5.772.313 српски динари, 57.626 американски долари, 10.835 евра, 2.790 швајцарски франци, две куќишта за компјутери и два ДВР на безбедносни камери. Запленети се и повеќе печати и разни документи кои го докажуваат незаконското работење на овие институции“, се вели во полицискиот извештај.

Во оваа прилика „сите дејствија се извршени во консултација и координација со државниот обвинител“, се наведува во извештајот.

Рацијата вчера ја потврди и заменик директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Ељшани.

„По наредба на Судот во Митровица, извршени се претреси во просториите на Народната банка на Србија, филијала во Косово и Дирекцијата на трезорот, Министерство за финансии во Лепосавиќ од страна на одделот за економски криминал во продолжение на случајот за перење пари што има врска со Банките од порано. При тоа се одземени материјални докази како што се документи, компјутер, пари и слично, а местото е пломбирано“, изјави Ељшани. 

Можете да прочитате

Во Србија продолжува штрајкот на вработените во образованието

Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Уапсено уште едно лице поради уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад