Утрински Весник
Балкан

Атина, Букурешт и Софија ќе бараат компензација од ЕУ за скапата струја во регионот

Struja.jpg

Романија најави дека заедно со Бугарија и Грција ќе побараат од Советот на ЕУ исплата на компензација поради „многу повисоките цени“ на електричната енергијата во регионот на Југоисточна Европа во споредба со оние во земјите од Западна Европа.

Според романскиот министер за енергетика Себастијан Бурдуја, цените на струјата во регионот веќе неколку месеци се значително повисоки отколку во Западна Европа, што се должи на неколку фактори, меѓу кои и сушната година, намаленото производство на електрична енергија од хидроцентралите и проблемите со интерконекцијата.

– Обезбедуваме и значајна поддршка за Молдавија и Украина, што прави дополнителен притисок врз цените на енергијата во Романија. Тоа не може да продолжи бесконечно, истакна Бурдуја.

Тој потенцира дека ако Романија е дел од единствен европски енергетски пазар, не може едноставно да толерира цени кои се два или три пати повисоки отколку оние во остатокот од Европа.

– Ако сакаме исти правила, мора да уживаме и исти придобивки. Во спротивно, некои ќе ги добијат сите придобивки, додека други ќе остане да ги покриваат трошоците. Затоа ќе го покренам прашањето пред Советот на министри на ЕУ, додаде Бурдуја.

Како што јави дописникот на МИА од Брисек, неговата најавата следи откако на почетокот на неделава грчкиот министер за енергетика Теодорос Скилакакис информира дека Грција, Романија и Бугарија „ги здружиле силите“ за да се справат со зголемените цени на електричната енергија во Југоисточна Европа.

Скилакакис во понеделникот оцени дека единствениот пазар на електрична енергија на ЕУ не функционира во југоисточна Европа.

– Ќе работиме со Романија и Бугарија за да се најде трајно решение за зголемените цени на електричната енергија во регионот, изјави Скилакакис, додавајќи дека се очекува за ова прашање грчкиот премиер Киријакос Мицотакис да испрати и писмо до Европската комисија.

Скилакакис најави дека заедно со неговите колеги од Бугарија и Романија ќе создадат „траен механизам за интервенција секогаш кога ќе се забележат екстремни цени поради отсекувањето на југоисточна Европа од остатокот од европскиот енергетски пазар“.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) вчера соопштија дека ја информирале Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) дека во дел од земјите на Југоисточна Европа се регистрираат „нетипично високи цени на пазарот на електрична енергија“.

Во официјално писмо упатено до директорот на ЕЕЗ, Артур Лорковски двете македонски институции бараат да се мобилизира екипа која ќе направи детална анализа и ќе ги скенира причините поради кои постои голема нерамнотежа на цената на струја од земја до земја.

– Почнувајќи од крајот на јуни 2024 година, а особено во јули и август, цените на електричната енергија во регионот на Југоисточна Европа се значително повисоки од цените во останатиот дел од Европа. Просечните цени на пазарите ден однапред во јули 2024 година се движат од околу 159 евра за мегават час во Албанија, додека во Франција се околу 46 евра за мегават час. Најзабележливи ценовни отстапувања во овој период се регистрирани во Албанија и Романија, како и во други земји од регионот, се вели во дописот испратен до ЕЕЗ. 

Можете да прочитате

Во Србија продолжува штрајкот на вработените во образованието

Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Уапсено уште едно лице поради уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад