Утрински Весник
Економија

Презентиран труд од тим од Народната банка на меѓународната статистичка конференција на Комитетот „Ирвинг Фишер” и БИС

Konferenci A Ifc Bis.jpg

Во рамките на Дванаесеттата биенална конференција на тема: „Статистиката и пошироко: нови податоци за донесување одлуки во централните банки”, организирана од Комитетот за централнобанкарски статистики „Ирвинг Фишер” и Банката за меѓународни порамнувања беше презентиран труд од областа на статистиката, изготвен од вработени во Народната банка. На настанот, директорката на Дирекцијата за статистика, Снежана Јанеска-Поповска, го претстави трудот „Градење на финансиските сметки врз основа на принципот од кого на кого и нивната аналитичка вредност − случајот на НБРСМ”, изготвен во коавторство со Нада Циривири и Билјана Петрушевска.

Во рамките на презентацијата, Јанеска-Поповска се осврна на клучните аспекти поврзани со статистиката на финансиските сметки којашто ја изготвува Народната банка, преку воспоставување модерен пристап „од кого на кого”. Станува збор за исклучително комплексна статистика, којашто доби на тежина особено по глобалната финансиска криза, преку која се согледува меѓусекторската финансиска поврзаност и изложеноста на шокови. Притоа, беше истакнато дека составувањето на оваа статистика вклучува различни извори на податоци, често наменети за различни статистички цели и засновани врз различни методологии. Оваа интеграција бара значителен напор за ефективно комбинирање и воспоставување хиерархија на изворите на податоци, преку вградување на примарните статистики и бројни дополнителни извори на податоци.

Особен акцент беше ставен на важноста на деталните бази податоци (микроподатоци) коишто имаат за цел да го подобрат севкупниот квалитет и конзистентноста на финансиските сметки, при што беше даден осврт и на развојот на базата на статистички податоци за располагање со хартии од вредност во Народната банка. Понатаму, во рамките на презентацијата беше даден осврт на предизвиците и практичните решенија во процесот на составување на финансиските сметки, методолошките аспекти и кратка анализа на податоците со цел да се истакнат придобивките од користењето на овој пристап.

На презентацијата беше истакната заложбата на Народната банка и понатаму да вложува напори за збогатување на сетот расположливи податоци за корисниците и за развивање и унапредување на финансиските сметки, овозможувајќи усогласување со највисоките меѓународни статистички стандарди.

На Конференцијата присуствуваа 140 претставници на централните банки и статистичките заводи од 70 држави, претставници од повеќе меѓународни организации, БИС, ММФ, ИСИ, ОЕЦД, Светската банка итн., како и голем број учесници од целиот свет, коишто виртуелно го следеа настанот. Комитетот за централнобанкарски статистики „Ирвинг Фишер” е форум на економисти и статистичари посветен на актуелните статистички прашања од интерес на централните банки. Комитетот е основан од и со него управува меѓународната централнобанкарска заедница и работи под покровителство на Банката за меѓународни порамнувања.

Можете да прочитате

Угостителските услуги во август поскапи за 5,1 процент

Зошто илјадници луѓе ја напуштаат земјата секоја година?

Стопанската комора на Србија отвора претставништво во Скопје, ќе го раководи Нола Исмајлоска Старова