Утрински Весник
Балкан

„Свет на паралелни реалности“: Бледскиот стратешки форум го отвора дијалогот за глобална стабилност

Picture 32 660x386 1.jpg

Годинешниот Бледски стратешки форум, на кој ќе учествуваат високи функционери, дипломати, професори, истражувачи и претставници на компании и невладини организации, започнува денеска во Словенија. Деветнаесеттата по ред конференција на Бледското Езеро ќе се одржи денеска и утре, под мотото „Свет на паралелни реалности“. На форумот ќе присуствуваат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и највисоките претставници на шесте западнобалкански земји.

Форумот ќе го отворат министерската за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон и претседателката на државата, Наташа Пирц Мусар, по што ќе следи обраќање на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш (преку видео порака), и на Фон дер Лајен.

Наградата за истакнат партнер на Бледскиот стратешки форум за 2024 година, словенечкиот премиер Роберт Голоб ќе ја врачи на Јулија Навална, вдовица на рускиот опозиционер Алексеј Навални и претседателка на Советодавниот одбор на Фондацијата за борба против корупцијата.

Меѓу учесниците на форумот се и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, министерката за европски интеграции на Србија, Тања Мишчевиќ, како и министрите за надворешни работи на Хрватска и Унгарија, Гордан Грлиќ Радман и Петер Сијарто.

На конференцијата ќе говори и познатиот руски шахист Гари Каспаров, критичар на Кремљ со хрватски пасош, како и претставници на умерените политички струи од палестинската и израелската страна – Мустaфа Баргути, лидер на Палестинската национална иницијатива, и Ципи Ливни, поранешна заменик премиерка на Израел.

Овогодинешната дводневна конференција е насловена „Свет на паралелните реалности“, а во најавата зборува за крајот на релативната, честопати измамничка ера на мирот.

„Руската агресија против Украина и конфликтот на Блискиот Исток, и двете со незамисливи хуманитарни последици, се остар и катастрофален потсетник за тоа што се случува кога меѓународната заедница не реагира и не ја задржи нужната одговорност за глобалната стабилност“, се вели во соопштението.

Конференцијата повикува на враќање на мултилатералната соработка заснована на заеднички принципи на демократија, човекови права и поредок заснован на правила, но признава дека овие принципи можеби не се широко прифатени денес.

Како да се избегнат двојните стандарди и во исто време да се земат предвид конкретните ситуации и контексти? Како можеме да обезбедиме глобалните проблеми да се решаваат подеднакво во целиот свет и дека човечкиот живот секаде се цени подеднакво? Мора да го зачуваме човечкото достоинство и да тргнеме кон поодговорна политика, се посочува во најавата на настанот.

,Годишната конференција на Бледскиот стратешки форум, која традиционално се одржува во Блед кон крајот на август или почетокот на септември, собира учесници од различни области за да разменат мислења и да дојдат до идеи за надминување на сегашните и идните предизвици.

Можете да прочитате

Ја удрил „ситроен“, па ја прегази „бмв“: тешко повредена жена во Белград

Српскиот премиер тврди дека сите што се виновни за падот на настрешницата ќе бидат кривично гонети

СИРИЗА избра нов лидер – 24info.mk