Утрински Весник
Економија

Претседателите на ССМ и Здружението на пензионери стануваат неподобни за власта

Picture 1252 660x487 1 1.jpg

Во период од неколку денови се случија најави за сериозни потреси во најголемите организации на синдикалци и пензионери. 

Некогашниот прв човек на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митрески „излезе од нафталин“ барајќи си ја назад фотелјата во ССМ која едвај ја напушти во 2017 година. 

На прес-конференцијата пред ССМ но и на гостувања на одредени (провладини) медиуми Митрески многу повеќе зборуваше за неговата борба за фотелјата отколку за правата на работниците и покачувањето на минималната плата. 

Вчера пак, пензионерите од Свети Николе, Штип и Кочани повикаа на пензионерски протест на трети септември во Скопје, за смена на претседателката на Здружението на пензионери Станка Трајковска. 

Кој е Живко Митрески? 

Митрески беше претседател на ССМ во периодот од 2010 до 2017 година и во јавноста и меѓу синдикалците важеше за човек близок на ВМРО-ДПМНЕ. 

Митрески ги подржуваше сите политики и мерки на тогашната власт, дури и оние на кои синдикалците и работниците се противеа. Митрески со ССМ премолче и на законските измени кои предвидуваа и хонорарците да плаќаат придонеси, мерка што по само два месеци и по силни протести, Владата ја укина. 

Живко Митрески ќе остане запаметен како единствен лидер на ССМ кој не организирал ниту еден протестен марш за 1 мај, ниту пак организирал каков било штрајк.

Своевремено Митрески од позиција на прв човек на ССМ направи преседан и потпиша декларација за соработка со политичка партија, конкретно со тогаш се уште владејачката ВМРО-ДПМНЕ. 

Смената на Митрески не одеше лесно, туку по неколкумесечна сага по македонските судови, ССМ во 2017 конечно доби нов претседател во името на Дарко Димовски. 

Што сакаат пензионерите од Истокот?

Иницијативи на пензионери од неколку градови во Македонија уште минатата година почнаа да протестираат против законското усогласување на пензиите. 

Тие бараа линерно покачување на пензиите и прстот го вперуваа во тогашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска. 

Но иако на прв поглед делуваше дека протестите се спонтани, сепак во реалноста излезе дека „фронтмените“ на тие протести се во најголем дел родители на високи партиски фунлционери на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво (советници и секретари на општини, кандидати за пратеници и сл).

Тие сега бараат смена на претседателката на здружението Станка Трајковска, затоа што според нив, таа ги изневерила нивните очекувања и ги оставила на раб на егзистенција. 

Чудни случајности

Обидите за преврат во ССМ и здружението на пензионери доаѓаат во иста недела и во период кога станува јасно дека платите во јавниот сектор оваа година нема да се покачат и кога наместо по 5.000 како што беше ветувано, пензиите ќе се зголемат за половина од тој износ. 

Оттука, овие чекори може да се гледаат и како чекор кон превенција од идни масовни протести, па затоа сегашните лидери на овие организации стануваат неподобни за власта и најверојатно треба да се заменат со „пријателски лица“ со цел да се одржува привиден социјален мир.

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен