Утрински Весник
Македонија

Османли: Систематски се труеме со поразите дома и во светот

Tomislav Osmanli.webp.webp

Трн: Со вашите литературни дела сте присутни повеќе децении на книжевната, театарската и филмската сцена. Што е тоа што го одржува вашиот творечки дух? За некои писатели и уметници творештвото доаѓа од желбата да се создаваат алтернативни светови? Дали е тоа и во вашиот случај?

Томислав: Секако. Тоа важи за секој творец, па така и за мене. Тука, дури, е можна и една аксиолошка „равенка“: колку поуверлива е фикцијата на алтернативниот свет што еден автор го нуди, толку повредно е и неговото дело.
Не зборувам за обемот на прифатеност на едно дело, туку, обратно, за тоа колку е автентичен и колку во творбата уверливо е изразен мисловниот и естетскиот свет на самиот творец. Автентичните, фантастични светови што ги создале Аристофан, Данте, Гете, Замјатин, Булгаков, Умберто Еко, кај нас Чинго, Јаневски… Тоа се само дел од низата авторски поетики што се потврди на таквите авторски автентичности, на писателски личности со блескави имагинации, кои се
литературни парадигми за секој автор. Така, стремежот кон создавање што покомплетни алтернативни светови е општ, разликата е меѓутоа во силата на писателските  имагинации. За тоа најдобро судат, и читателот, и критиката.

Трн: Што ѝ нудите на публиката со вашите романи, драми, филмски сценарија?

Томислав: Тоа е тешко да се каже во само неколку зборови, зашто творбите ми се разновидни и според уметничките дисциплини во кои се создавани, и според жанровите, стиловите… И секако, според времето во кое се создавани. На пример, својот творечки пат, го почнав како теоретичар на филмот со објавата на книгата „Филмот и политичкото“ (со поднаслов кој едновремено е и теза на студијата „Кон интегралното политичко мислење на кинематографот“). Беше објавена 1982 година како наша прва филмолошка книга и дочекана со позитивни одгласи не само кај нас, но и пошироко… Како сценарист почнав со сценарио, се викаше „Луѓе без адреса“ и никогаш не беше реализирано, иако ѝ се сменија дури тројца тогаш млади режисери, а во 1972 беше добитничка на втората награда на анонимниот конкурс на ТВ Скопје спопред одлука на петчлено многу мериторно жири …

Како драмски автор, пак, почнав со една сатирична комедија, се викаше „Салон Бумс“ во битолскиот Народен театар во далечната 1987, добив награда за филмската критика за „Кожа“ на Лилијана Кавани, продолжив со книга за Деветтата уметност, стрипот, повторно теоретска објава, па уследија моите сценарија за телевизискиот филм „Ѕвездите на 42-та“ кое ја освои првата награда одново на анонимен конкурс, па „Скопски сновиденија“ кои без избрани за откуп, а подоцна и ТВ филмот „Стрмоглави“ што под насловот „Смок лета по небото“ ја доби третата награда на исти такви конкурси што своевремено го распишуваше активната и креативната Драмска редакција на Телевизија Скопје, под раководствата на Петре М. Андревски, Оливера Николова, Борко Зафировски… Сите се со различни теми и сценаристички наративи, како и сценариото за играниот филм „Ангели на отпад“ (1995)…

Пишував куси прози со носталгични созвучја, лирично интонирани театарски пиеси, потоа ракописот се смени со нови теми, пристапи и стилски својства и стана, како и времето што следеше, некако, ирониски и авто-ирониски. Од таа фаза се расказите што ги именував „Каприча“ (2008), но и сатирични и гротескни прози за една сосем отуѓена, токсична и понорна општествена реалност што го ништи алтруизмот и елементарната хуманост што најде израз во книгата „Парадоксикон“ (2020) која ми го донесе “Рациновото признание”. Таа линија се разви во извесен, уште пофокусиран критички пристап во поновите творби, особено во дистопискиот роман „Бродот. Конзархија“ (2016), во драмскиот текст „Враќање дома“, па во моите „Нови драми“ (2019), а според одгласите на наши книжевни авторитети како Акад. Ферид Мухиќ и писателите и критичари Глигор Стојковски и Сашо Огненовски… највпечатливо во најновата книга, романот „Заборав“. Тој фокусира една значајна тема, Алцхајмеровата болест како индивидуален, медицински, но што е уште позначајно, заборавот како социјален феномен кој го произведуваат и центрите на моќ, и оваа крајно поделена, отуѓена цивилизација на конфликтно разрешувани разлики… Романот се појави доцна, кон крајот на минатата година и немаше своја промоција во Македонија. Неа, меѓутоа, ќе ја доживее наскоро, на почетокот од септември, на 5. Денови на македонската култура во Шибеник, а по предлог на организаторите на оваа манифестација, господинот Сашо Георгиевски раководител на невладината организација Хрватско-македонска тангента…

Враќајќи се, заклучно, на Вашето прашање: пишувам сѐ уште разнородни и различни нешта, така ја избегнувам тематската и стилска монотонија, ги менувам и темите и пристапите, но познавачите, ми се чини, зад тоа препознаваат единствен авторски ракопис.

Целото интервју на следниот линк

Можете да прочитате

Со изложбата „Еве го човекот” заврши второто издание на ГИГА Фест

Санкции за превозни претпријатија поради неправилности при вршење јавен превоз со автобуси

Сиљановска Давкова ги пречека победниците на 37. Охридски пливачки маратон и ги додели пехарите