Утрински Весник
Македонија

Пациент со 40 температура три недели шетан по клиники, уште еден смртен случај поради одбиен прием на Инфективна

Klinika.jpg

Пред неколку денови јавноста дозна за скандал откако пациентка со леукемија почина на Клиниката за хематологија откако не била примена на одделот на интензивна нега на Инфективна клиника. Но по се изгледа ова не е единствeн ваков случај, онколошки пациент да почине чекајќи прием на Инфективната клиника.

До 24инфо.мк се обрати граѓанка чиј татко починал откако со недели бил шетан по скопските клиники.

71годишниот Климе Ј. од Скопје, онколошки пациент кој се лекувал од малиген меланом (рак на кожа), на Клиниката за онкологија, во месец јули добива инфекција со покачена телесната температура и кашлица, по што ќерката го носи на Клиниката за инфективни болести и од тука почнува голготата за спасување на неговиот живот.

Тринеделна агонија на пациентот и неговото семејство по скопските клиники

„На 21 јули ден недела со температура од 38 која трае неколку денови Климе за прв пат е донесен на Инфективна клиника. Таму ни беше кажано дека има многу позитивни случаи, не е за тука носете го на Пулмологија. Не му беше направен никаков преглед, никаков тест, туку само што им кажав дека е онколошки пациент, ми рекоа не е тој за тука, носете го брзо од тука, да не „закачи“ уште нешто, однесете го на Пулмологија. Отидовме на Пулмологија, таму направија рентген, крвна слика, му измерија сатурација и видоа дека не се белите дробови во прашање. Ми беше кажано дека татко ми не е за таму, за тоа што не се работи за пневмонија и освен примарната болест, белите дробови се стабилни, но препишаа терапија бидејќи знаат дека нема да препише никој друг и е веќе вратен од инфективно, затоа што тој има онколошка болест, па да не се искомплицира работата му препишаа панцеф и не советуваа да направиме пнеумослајд за да откриеме од каде е инфекцијата. Тие се сомневаа на вироза. Пнеумослајдот отидовме да го направиме уште следниот ден но на државните клиники ни беше кажано дека нема никаде реагенс па откако се прошетaвме по неколку болници, на крај истиот го направивме во приватна лаборсторија и истиот не покажа ништо.

Панцефот го пиеше четири дена, а ситуацијата се влошуваше, температурата почна да се качува до 40 степени и ние повторно отидовме на Инфективна. И овој пат на Инфективна дојде истата специјализантка која, да не го контаминира со другите, го виде на страна. Направи мал преглед, го наслуша и самата виде дека не се белите дробови во прашање, но постојано се сомневаше на прогресија на болеста. Настојувавме на тоа дека има високо ЦРП што укажува на голема инфекција и баравме да биде хоспитализиран таму, рече дека ако е до неа таа би го примила, но дека политиката на клиниката е дека онколошките пациенти, особено оние со малигнитет на белите дробови, не можат во никој случај да бидат хоспитализирани и третирани таму, па не советуваше повторно да одиме кај истиот пулмолог кој веќе еднаш препишал терапија и истaта да ја смени затоа што очигледно не делувала за таков вид на инфекција. Додека седевме во чекалната татко ми повторно качи 40 степени телесна температура па остана да чека надвор на исто така 40 степени додека јас отидов кај пулмологот со молба да ја смени терапијата, што и го направи повторно со забелешка затоа што никој друг не сака да го прими. Татко ми ја испи цела терапија, ЦРП-то малку се намали, но температурата не се смируваше, сега веќе одеше речиси и до 41 степен, почна да се губи и почнавме да се сомневам дека можеби имал мозочен удар од високата температура или дека канцерот продрел во мозокот. Отидов на Онкологија каде два пати беше носен со брза помош за да прими крв, поради нискиот хемоглобин, но кога побаравме хоспитализација и онкологот ми кажа дека тој не е за тука, тој е со фебрилна состојба и треба да оди на Инфективна бидејќи и самиот назив им е Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и ми даде упат за таму. Со последна надеж повторно отидов, овој пат сама на Инфективна за да прашам дали има шанси да го хоспитализираат или повторно ќе не одбијат, бидејќи веќе не беше свесен пациентот и истиот требаше да биде донесен со брза помош, но пред да успеам воопшто да ја објаснам ситуацијата буквално ме исфрлија од ординацијата“ вели нашата соговорничка.

Од таму тие не добиваат никаков извештај или документ и заминуваат во приватна болница. Таму се вршат испитувања (кои посмртно пристигнуваат и покажуваат прележани четири вируси) и им се дава терапија со предлог онколошки да биде згрижен. Онкологот на Климе му препишува домашна посета со терапијата од приватната болница и мала измена за подобар ефект, но по пет дена примање терапија во домашни услови, пациентот починува. 

Квалификации наместо одговор од Инфективна клиника

24инфо.мк се обрати до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за став во однос на сведоштвото, со цел според новинарските стандарди да се слушне и втората страна. 

Но од Клиниката наместо одговор, добивме напад и квалификации за нашата работа. Одговорот го пренесуваме во целост.

„На 21.07 и 28.08.2024 во специјалистичка амбуланта при Инфективна клиника на преглед со физичко присаство не се појавил пациент со такви генералии, туку се јавила ќерката која побарала усмена консултација, која истата и ја добила, и ако немала соодветен упат за Инфективна Клиника. Затоа сметаме дека се апсолутно неточни вашите констатации кои најверојатно се резултат на недоволно и исправно информирање, со што се доведува под знак на прашалник дали во иднина да одговараме на вакви неточни, аматерски и непрофесионални прашања!“ гласи одговорот на Инфективна клиника. 

Иако во дописот од Инфективна има „присаство“ на квалификации и навреди, сепак нема одговор на нашето најважно прашање а тоа е Дали на клиниката се хоспитализираат онколошки пациенти со инфективни болести?

Спор и долг пат до правдата

Ќерката на починатиот Климе вели дека ова е прв нејзин чекор со цел јавноста да биде запознаена со фактот како во нашето здравство се третираат онколошките пациенти.

Таа, ги разгледува сите аспекти за покренување на правна постапка пред надлежните институции. 

Но, случајот на Климе и на пациентката од Хематологија, говорат дека за жал ваквите случаи во јавното здравство, не се нималку ретки.

24инфо.мк ќе продолжи да бара одговори од институциите за овој, но и за секој нареден случај што преку граѓани ќе стигне до нас.

Можете да прочитате

Полицијата влезе во струмички фирми, под полициска опсада и познат ресторан

Царинска управа: на Богородица спречен обид за криумчарење цигари

Полицијата му пронајде нож и дрога – Уапсен млад скопјанец