На последниот состанок, Комисијата за заразни болести констатираше дека бројот на позитивни случаи на Ковид-19 се зголемил во однос на минатата недела. Поради ова, Комисијата ги потсетува граѓаните да ги почитуваат општите мерки за превенција од респираторни инфекции, вклучувајќи избегнување групирање и подолг престој во затворени простории, редовно проветрување на просториите, почесто миење раце, и избегнување близок контакт со заболени лица.
„Вакцинацијата е најефикасен начин за заштита од тежок облик на болеста,“ се наведува во соопштението.
Комисијата ја потврди својата препорака дека тестирањето за Ковид-19 не е услов за прием во здравствена установа, туку треба да се спроведува само доколку пациентот има симптоми карактеристични за вирусот. Пациентите треба да се лекуваат од основната болест во соодветната здравствена установа, дури и ако се ковид позитивни, при што установата треба да обезбеди услови за минимизирање на ризикот од ширење на болеста преку изолирање на позитивните пациенти.
Комисијата за заразни болести внимателно ја следи ситуацијата и ќе донесе соодветни препораки во зависност од развојот на состојбата, истакнаа од Комисијата.