Утрински Весник
Македонија

Свечен собир на вработените во министерството за одбрана и генералштабот по повод Денот на Армијата, соопштение

2a.jpg

Во пресрет на 18 Август-Денот на Армијата, на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот се реализира традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството за одбрана.

На денешната свеченост по повод Денот на Армијата се соопштија наредби за унапредувања во повисок чин, наградни отсуства, плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на Армијата и Министерството за одбрана, како и на организации кои допринеле за развојот на одбраната и Армијата.

Пред присутните се обратија началникот на Генералштабот, генерал-потполковник, Васко Ѓурчиновски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски.

Честитајќи им го Денот на Армијата, на вработените во Генералштабот и Министерството за одбрана, Генералот Ѓурчиновски истакна дека е горд на професионалноста и посветеноста во работата на сите вработени, притоа истакнувајќи  дека во изминатите шест години се остварени голем број на подобрувања на условите за живот и работа и модернизација со очигледни резултати. На крајот од своето обраќање на вработените им посака понатамошни успеси.

Министерот Владо Мисајловски во своето обраќање истакна „Денеска започнуваме со одбележување на  18 август – Денот на македонската Армија. Ден кој е посветен на сите вас, мажи и жени кои сте непоколеблив штит на нашата безбедност и стабилност, на нашата држава. Ден за истакнување на достигнувањата и оддавање на почит и признание за храброста и посветеноста на сите припадници на Армијата. При справување со секојдневните предизвици и во кризните состојби секогаш сте подготвени да одговорите. Тоа е доказ за вредностите кои ги носите со себе – чест, лојалност и интегритет, додека силата и  пожртвуваноста извира од срцата на секој еден припадник“, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во спомен на припадниците на Армијата кои ги положија своите животи при извршувањето на должноста министерот Мисајловски рече: „Нивниот спомен живее во сите нас, а нивната храброст не инспирира затоа што тие ни го покажаа вистинското значење на службата, наше е да продолжиме да го почитуваме нивниот спомен“.

Во склоп на свеченоста Министерот за одбрана Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменик на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и делегација составена од претставници од семејствата на загинатите бранители положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на загинатите бранители пред Министерството за одбрана.

Претходно од страна на делегации од министерството за одбрана и Генералштабот предводени од началникот на Генералштабот, кабинетот на Претседателката, Собранието, Владата, Сојузот на здруженија на борците од НОБ, Организација на резервни воени старешини, градот Скопје и други, со воени почести се положија венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров  и на гробот на генерал Михаило Апостолски.

На свечениот собир на вработените Министерството за одбрана и Генералштабот присуствуваа и заменик министерката за одбрана, Елфет Исмаили, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и државната секретарка Елизабета Чуповска Ристова.

Со воени церемонии во  исто време празникот на Армијата се одбележа во командите и единиците на Армијата во сите касарни во Републиката.

Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира на 18 август во Центарот за Обука на вода во Охрид, на која ќе присуствува највисокиот воен и државен врв.

Можете да прочитате

Средба на Мисајловски со командантот на националната гарда на Вермонт, Грегори Најт

Полицијата одзеде Ферари со фалсификуван број на шасија

Поинтензивна институционална соработка во креирање побезбедни и посигурни патишта