Утрински Весник
Македонија

Владата со пад од 40 места во транспарентноста

Vlada 800x445 1.png

Според последното годишно рангирање на активната транспарентност на владините институции, изготвено од Центарот за граѓански комуникации, Министерството за одбрана е единственото од владините институции што ја задржа максималната активна транспарентност од 100% оваа година. Ова е четврта година по ред кога Министерството за одбрана ги објавува сите предвидени информации.

Во истражувањето, Владата падна од ланското прво место со 100% активна транспарентност на 40-то место со 87%. Истражувањето покажа дека просечната активна транспарентност на министерствата, Владата и општините за 2024 година изнесува 80%, што е подобрено за 4 процентни поени во однос на минатата година (76%).

Активната транспарентност на министерствата и Владата е 86%, додека на општините е 79%. Министерствата не покажуваат напредок во однос на ланската година, додека општините постигнаа подобрување од 5 процентни поени.

Пет општини – Берово, Битола, Валандово, Кавадарци и Кичево – постигнаа 100% активна транспарентност за прв пат годинава. Поради тоа, 71% од вклучените институции ја подобриле својата активна транспарентност.

Источниот регион ја задржа лидерската позиција со 88% активна транспарентност, додека Скопскиот регион го избегна последното место на кое се наоѓаше со години. Сега, на последното место е Североисточниот регион со 72% активна транспарентност.

Министерствата најмалку информации објавуваат за своите надлежности (78% од можни 100%), додека општините за финансиите (67% од можни 100%).

Активната транспарентност подразбира објавување информации на сопствена иницијатива од институциите, без потреба од поднесување барање за пристап до тие информации. Законските основи за проактивно објавување информации се наоѓаат во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и во други релевантни закони. Покрај регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика и обврските од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт.

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, поддржан од фондацијата Отворено општество – Македонија.

Можете да прочитате

Во Собранието доделена државната награда „22 Ноември“ – Авзи Мустафа и Африм Османи добитници

Изложбата „Украина Љубов и Војна“, сведоштва за животот во Украина 2014 – 2024

Ахмети од Швајцарија: Денес мора да го браниме албанскиот јазик