Утрински Весник
Економија

Димитриеска Кочоска: Ребалансот ќе обезбеди ликвидност за сервисирање на сите обврски

Xx 2.webp.webp

Ребалансот на Буџетот за 2024 година претставува обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите кои што имаат соодветна динамика. Треба да обезбеди ликвидност, исплата на зголемени пензии, права на вработените и доспените обврски кон стопанството, оцени денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на 12-тата седница на Собранието.

Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет како што се недоволно испланирани средства за права коишто се законски предвидени, средства за сервисирање на доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи да обезбедиме редовна исплата на плати, кои ќе бидат усогласени согласно Закон во септември, да обезбедиме редовна исплата на пензиите и да го реализираме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, да ги исплатиме доспеаните обврски и да не ги одложуваме, затоа што тоа го бара економијата, во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни шест милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво, рече Димитриеска Кочоска во експозето пред пратениците.

Вкупните приходи, како што кажа, се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или повисоко за 2,6 проценти, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година, вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6 проценти, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.

-Тоа се должи на потребата за обезбедување на неопходни средства наменети за исплата на плати за кои се проектирани дополнителни средства од околу 4,2 милијарди денари. Зголемувањето на платите се должи на обврските кои произлегуваат од потпишаните колективни договори и законските решенија и тоа колективниот договор на УКИМ и измената на законите за високо образoвание и научно истражувачката дејност, усогласување со минималната плата за вработените каде минималната плата претставува компонента на основната плата, усогласување на платите според индексот на трошоци на живот за првите шест месеци од годината, согласно одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор и обезбедување на дополнителни средства за исплата на апанажи на функционерите, исплата на пензии, за кои се обезбедени дополнителни средства во износ од 5,1 милијарди денари, од кои 2,5 милијарди денари ќе бидат наменети за дополнителен пораст од 2.500 денари, почнувајќи од септемвриската пензија, со што ќе се овозможи подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓани, рече Димитриеска Кочоска.

За транзициски трошоци-втор пензиски столб, додаде, обезбедени се дополнителни средства во износ од околу 400 милиони денари, за корисниците на правото на гарантирана минимална помош обезбедена е дополнителна финансиска поддршка од околу 0,8 милијарди денари, за здравствена заштита дополнителни 1,7 милијарди денари, наменети за здравствено осигурување, боледувања и исплата на обврски, за ТИРЗ зоните дополнителни 1 милијарда денари, за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор дополнителни 1,7 милијарди денари, за студентски оброк предвидени се дополнителни средства во износ од 437 милиони денари, како и средства за исплата на стипендии во износ од 207 милиони денари, за блок дотации планирани се дополнителни средства во износ од 300 милиони денари за материјални расходи, како и дополнителни средства за извршни исплати и за поврат на средства кон Европската комисија согласно наодите на ОЛАФ.

-За исплата на камати кон домашни и меѓународните кредитори планирани се дополнителни средства во износ од околу 0,8 милијарди денари, за јавните претпријатија и АД во државна сопственост по основ на задолжувања (активирани гаранции) преку буџетот обезбедени се околу 5,1 милијарда денари, со обврска овие компании до крајот на 2024 година сукцесивно за исплатените гаранции да ги вратат и уплатат средствата во Буџетот на државата, за локални инфраструктурни проекти за општините – планирани се 6 милијарди денари.

Тоа, додаде, е еден од факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која како што покажуваат податоците забележа слаби резултати во првата половина од годината.

-Фискалната политика до крајот на годината ќе биде насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и оддржливо ниво на капитални расходи, посочи Димитриеска Кочоска.

Нагласи дека вкупните остварени приходи на Буџетот во првите два квартала изнесуваат 144,3 милијарди денари  што е 46,54 отсто од планираните приходи за 2024 година.

-Во рамки на вкупните приходи 133,9 милијарди денари се остварени по основ на даночни приходи и социјални придонеси, односно 48 проценти од планираниот буџет на даночни приходи и социјални придонеси за 2024 година и се за 14,4 проценти повисоки од даночните приходи и социјални придонеси остварени за истиот период минатата година. Придонесите за социјално осигурување, како изворен приход на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, се остварени во износ од 50,2 милијарди денари и се повисоки за 14,4 проценти, споредено со анализираниот период во 2023 година, појасни Димитриеска Кочоска.

Во првите шест месеци од годинава, истакна, вкупните реализирани расходи на Буџетот се на ниво од 168,2 милијарди денари и се за 8,6 проценти повисоки во однос на вкупните расходи реализирани во истиот период во 2023 година.

-За тековни расходи потрошени се 155,2 милијарди денари или 16,8 проценти повисоки во споредба со истиот период минатата година. Платите и надоместоците се реализирани во износ од 21 милијарди денари и се повисоки за 22,7 проценти споредено со првите шест месеци во 2023 година. За стоки и услуги се реализирани вкупно 10,4 милијарди денари и се повисоки за 8,6 проценти во споредба со 2023 година. Трансфери до единиците на локалната самоуправа се реализирани во износ од 14,7 милијарди денари, а 11,2 милијарди денари се исплатени за каматни плаќања по основ на користени кредити и издадени државни хартии од вредност и се за 67,8 проценти повисоки од реализираните каматни плаќања во 2023 година, рече Димитриеска Кочоска.

Можете да прочитате

Германската компанија „Костел“ започнува трета фаза од инвестицискиот циклус

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството