Утрински Весник
Македонија

ДУИ: Имаме мандат од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, достоинството на гласот и албанскиот народ

Dui 1.jpg

Имаме мандат од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, достоинството на гласот и албанскиот народ во Република Северна Македонија, одговора ДУИ на наводите дека партијата ќе преземе чекори за дестабилизација.

Прашањето се реактуелизраше по вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, оти има информации добиени по повеќе канали дека раководството на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата оваа есен.

На оваа изјава партијата од Мала Речица одговори преку кусо соопштение.

„Без да ги коментираме политичките спинови и блефови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија. Ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да го спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали”, се наведува во соопштението.

Во однос на обвинувањата за капиталот, од Мала Речица изразија подготвеност за целосен ветинг од страна на меѓународни експерти.

„Што се однесува до неоснованите обвинувања за прекршување на законот, уште еднаш ги повикуваме политичките партии на проверка на сите носители на јавни функции со меѓународна помош. Само така ќе престане блефирањето, ловот на вештерки и злоупотребата на борбата против корупцијата за политички цели. Веднаш поканете ја меѓународната заедница да испрати експерти за целосна проверка на секој од нас и на вас, вклучително и истрага за процесот на приватизација!“, се вели во соопштението на ДУИ.

Можете да прочитате

ОЈО бара притвор за три лица за предизвикување меѓунационална омраза за вчерашните инциденти со македонското знаме

Калајџиев: Најавите на премиерот дека извршната ќе ја апси судската власт се трагикомични

Николоски: Ќе се гради алтернативен пат на трасата Тетово – Гостивар за да не се отсечат жителите од Полог