Утрински Весник
Свет

Пораст на затворската популација во светот: 11,5 милиони зад решетки

Zatvor.jpg

Околу 11,5 милиони луѓе се наоѓаат во затворите низ светот, според најновото издание на Светската листа на затворска популација, која ја истражиле и составиле Хелен Фер и Рој Волмсли од Институтот за криминал и правда на Универзитетот Биркбек во Лондон.

Според објавените податоци за затворската популација, вкупниот број затвореници во светот изнесува 10,99 милиони. Меѓутоа, тој број е веројатно и поголем од 11,5 милиони ако се вклучат оние затвореници за кои се проценува дека се зад решетки во притворските центри во Кина и Северна Кореја.

Во САД има речиси 1,8 милиони затвореници. Кина има скоро 1,7 милиони затвореници (не вклучувајќи го непознатиот број во истражен затвор и други облици на притвор). Бразил има околу 840.000 затвореници, Индија 573.000, а Руската Федерација повеќе од 433.000. Во Турција има над 314.000, во Тајланд повеќе од 274.000, во Индонезија околу 265.000 и во Мексико речиси 233.000.

Земјите со највисока стапка на затворска популација, односно бројот на затвореници на 100.000 луѓе, се Ел Салвадор (1.086 на 100.000), потоа Куба (794), Руанда (637), Туркменистан (576), Американска Самоа (538), САД (531) и Тонга (516). Наспроти тоа, нешто помалку од половината од сите земји и територии (49 проценти) имаат стапки под 150 на 100.000.

Стапката на светската затворска популација, заснована на проценките на Обединетите нации за национално ниво на население, изнесува 140 на 100.000. Тие податоци значително варираат меѓу различни региони на светот и меѓу различни делови на ист континент. На пример, во Африка, средната стапка за земјите од западна Африка е 50, додека за земјите од јужна Африка е 243. Во Америка, средната стапка за земјите од Северна Америка е 220,5 додека за земјите од Централна Америка е 310,5. Во Азија, средната стапка за земјите од јужна Азија (главно индискиот потконтинент) е 90, додека за земјите од југоисточна Азија е 166.

Во Европа, средната стапка за западноевропските земји е 73, додека за земјите кои ја опфаќаат Европа и Азија (како Руската Федерација и Турција) е 267.

Во поголем дел од светот, бројот на затвореници расте – во некои региони нагло. Од 2000 година, вкупната затворска популација во Јужна Америка се зголемила повеќе од тројно, додека во западна Азија зголемувањето е 141 проценти.

Иако најновата стапка на САД од 531 затвореник на 100.000 општа популација сè уште е меѓу највисоките во светот, таа претставува значително намалување во однос на врвот од над 750 во 2000-тите, со повеќе од половина милион помалку затвореници отколку во периодот од 2006 до 2008 година. Од 2000 година, вкупната затворска популација во остатокот од Америка порасна за 161 процент.

Европа е единствениот континент каде што вкупната популација на затвореници се намалила од 2000 година – за 26 проценти. На тоа влијае падот на затворската популација во Русија за 59 проценти, како и во централна и источна Европа за 48 проценти. Затворската популација во Европа, без Русија, пораснала за 12 проценти. 

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња