Утрински Весник
Економија

Битиќи: Со ребалансот се предизвикува директна штета на домашните компании

Image 10.png

„Сведоци сме на една од најнеодговорните одлуки на Владата со која се предизвикува директна штета на домашните компании. Имаме 5 милиони евра кратење на финансиските средства кои се реализираат преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите (ЗФПИ), каде 99% од корисниците се домашни компании“, рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, на кој се расправаше за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година.

Пратеникот Битиќи потсети дека минатата година по основ на ЗФПИ за поддршка на компаниите се исплатени речиси 40 милиони евра, а годинава под власта на ВМРО-ДПМНЕ компаниите може да очекуваат повеќе од двојно помалку, односо само околу 17,8 милиони евра.

„Дополнително имаме кратење од 2,5 милиони евра наменети за привлекување странски директни инвестиции,.Преку овој однос на Владата кон стопанството, имаме суптилен начин на создавање на притисок компаниите да почнат да размислуваат да се задолжуваат од 250-те милиони евра кои треба да пристигнат од Унгарија“, рече Битиќи.

„Не стануваа збор за кредити, за задолжување, туку за пари законски целно насочени да ја зајакнат конкурентноста на домашното стопанство и неговата способност на компетитивни основи да создава додадена вредност“, рече Битиќи.

Битиќи истакна дека благодарение на овој закон, во изминатите шест години со околу 100 милиони евра беа поддржани 919 компании, кои инвестираа над 500 милиони евра и отворија над 5.000 нови работни места.

„Овие 100 милиони евра не се фрлени во празно, туку претставуваат реална поддршка за домашната економија. Ова е голема разлика од оние нула денари кои ВМРО-ДПМНЕ им ги „обезбедуваше“ на домашните компании. Како што тргнала работата, повторно ќе биде нула“, рече Битиќи.

Можете да прочитате

УЈП: Преку „меки“ мерки и соработка кон подобрување на даночната усогласеност

Трет ден расправа за ребалансот на Буџетот

Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка, првата класа за 40 денари по килограм