Утрински Весник
Економија

Народната банка по вторпат добитничка на наградата на „Комерцбанк” за 2023 година, за квалитетно автоматизирано извршувања на плаќањата

Nagrada.jpg

Народната банка по вторпат е добитничка на наградата на „Комерцбанк”, којашто претставува една од водечките меѓународни деловни банки во Европа. Наградата се доделува за 2023 година, за квалитетно автоматизирано извршување на плаќањата на државните органи и на трансферите со финансиските институции во меѓународниот платен промет. Ова е големо признание за Народната банка коешто го доби за високото ниво на квалитет и автоматизираност на процесите при извршувањето на плаќањата, во конкуренција со голем број финансиски институции и компании на меѓународно ниво.

Главни критериуми при изборот на добитниците на оваа традиционална годишна награда на „Комерцбанк” се бројот на обработените трансакции и квалитетот на форматот и структурата на свифт-пораките, во согласност со стандардите на СВИФТ. Оттука, таа претставува и признание за високата усогласеност со меѓународните стандарди на СВИФТ за автоматизирана електронска обработка на прекуграничните комерцијални плаќања и финансиските трансфери без потреба од рачна интервенција, што придонесува за висока ефикасност при обработката на плаќањата. Оваа награда ја одразува и цврстата определба на Народната банка за постојано вложување во ресурси за унапредување на интерните системи, со цел да биде во чекор со најновиот технолошки развој во финансиската и особено во платежната сфера.

Соработката меѓу Народната банка и „Комерцбанк” од Германија е во доменот на извршувањето на плаќањата со странство за државата и државните органи, како и во процесот на порамнување трансакции поврзани со управувањето со девизните резерви, каде што „Комерцбанк” е кореспондентна банка на Народната банка за прекуграничните плаќања.

Народната банка и натаму ќе биде посветена на унапредувањето на квалитетот во сферата на плаќањата. За оваа цел е и поднесувањето на формалното барање за членство на земјата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што претставува клучен исчекор за понатамошниот развој и интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот економски простор. Членството на земјава во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите.

Можете да прочитате

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена