Утрински Весник
Македонија

Конкурс за 15. Школа за млади лидери на Претседателот Иванов

1 02.jpg

Кабинетот на поранешниот македонски претседател Иванов информира дека 15-та Меѓународна обука за млади лидери на претседателот Иванов ќе се одржи во периодот од 1-13 октомври 2024 година. Денес е објавен конкурсот за учесници на школата која ќе биде на темата „Лидерство за мир”. Рокот за аплицирање на конкурсот е до 30 јуни 2024 година.

Програмата на 15-та Школа за млади лидери на претседателот Иванов се организира комбинирано, онлајн и во Охрид. Таа е наменета за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и нивната околина.

Школата опфаќа интерактивни предавања од реномирани предавачи и говорници од земјата и од странство, панел дискусии, работилници и тимска работа на проектна задача. Програмата е прилагодена да одговара на потребите на младите генерации и да обработува теми кои се од особен интерес за нив. Со планираните активности во програмата се стремиме да ги поттикнеме и охрабриме младите учесници да размислуваат аналитички и да дејствуваат како лидери. Да иницираат промени и да ги предводат, да стекнат самодоверба, да ги развиваат своите вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, да одговараат подготвено и да иницираат решенија за предизвиците со кои се соочуваат и да вложуваат во својот професионален и личен напредок.

Бројот на учесници на школата е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот.

Повеќе информации за конкурсот во објавите на веб страната и на профилите на социјалните мрежи на Школата за млади лидери  (https://youngleaders.com.mk/mak/apliciraj/https://youngleaders.com.mk/apply/https://www.facebook.com/IvanovSchoolForYoungLeaders), како и на веб и на фејсбук страната на поранешниот претседател Иванов (https://gjorgeivanov.mk/https://www.facebook.com/exmacedonianpresident/).

Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов традиционално се одржува од 2010 година. Во досегашните 14 обуки учествуваа околу 550 млади луѓе од Македонија и од целиот свет со различен академски и професионален фокус. Над 350 предавачи и говорници од Република Македонија, Европа и светот одржаа предавања пред четиринаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери. Во 2018 година, Школата за млади лидери на претседателот Иванов е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели. 

Можете да прочитате

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија