Трговците набавуваат повеќе кафе за Европа за да ги избегнат тешкотиите што би можеле да настанат на почетокот на следната година кога ќе стапи на сила регулативата на Европската унија против уништувањето на шумите, објави Меѓународната организација за кафе (ICO).
Како што објавија медиумите, залихите во земјите производители се намалуваат бидејќи увозниците ги забрзаа испораките пред новиот закон со кој ќе се забрани увозот на земјоделски производи произведени на обесшумена земја, изјави извршната директорка на ICO, Ванусија Ногуеира.
„Увозниците ги забрзуваат пратките бидејќи законот отвори прашања на кои Европејците сè уште не одговориле“, рече Ногуеира на маргините на меѓународниот семинар за кафе во 2024 година во Сантос, Бразил. Европската унија е најголемиот пазар на кафе во светот, а производители се тропските земји.
Да потсетиме, Европскиот парламент минатата година го одобри законот за уништување на шумите, со кој се забранува увоз на кафе, говедско, соја и други производи во Европската унија, доколку се поврзани со уништување на светските шуми.
Законот ќе бара од компаниите кои продаваат стоки во Европската унија да поднесат изјава за должна анализа и „проверливи“ информации кои докажуваат дека нивната стока не била одгледувана на земјиште обесшумено по 2020 година или ризикуваат да платат високи казни.
Но, сега се очекува Европската унија да обезбеди изземање на одреден период за да им даде време на земјите производители и на трговците да се подготват за новите обврски, но тоа се уште не е сигурно, изјавија претставници на индустријата за кафе.
Земјите како Бразил, Колумбија и Костарика се подобро подготвени за законот кој бара од производителите да добијат сертификат дека кафето не се произведува на обесшумена земја, додека малите фармери во африканските земји ќе имаат повеќе проблеми, објасни Ногуеира.
Оваа одлука ќе се однесува на соја, говедско месо, палмино масло, дрво, какао, кафе, гума, јаглен и нивните производи вклучувајќи кожа, чоколада и мебел.
Уништувањето на шумите е одговорно за околу десет проценти од глобалните емисии на стакленички гасови кои ги поттикнуваат климатските промени.
Од моментот на донесување на регулативата, во април 2023 година, големите компании имаа рок од 18 месеци, а помалите 24 месеци да ги почитуваат новите правила.