Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека го поддржува признавањето на независна Палестина, пишува „Еуроус“. Ваквата изјава на Мишел следи по објавувањето од Ирска, Шпанија и Норвешка дека ја признале палестинската држава во границите од 1967 година. Според него ваквиот потег треба да се искористи како потпора за да се постигне одреден напредок. „Јас сум за решение со две држави и за признавање на палестинска држава. Но, оваа држава мора да биде одржлива. И затоа мислам дека најдобар би бил координиран пристап со земјите-членки на ЕУ и третите земји“, изјави Мишел и додаде дека на другите држави им треба повеќе време за ваков чекор. Израел, за одлуката на трите земји да ја признаат Палестина имаше остра реакција. Министерот за надворешни работи на Израел, Кац, ситуацијата ја опиша како награда на Хамас. Земјите од ЕУ, пак, иако се согласуваат за важноста од прекин на огнот во Појасот Газа, дистрибуција на хуманитарна помош за палестинската енклава и враќање на израелските заложници, сè уште нема консензус во блокот за прашањето за државноста. Инаку, до неодамна, Шведска беше единствената земја-членка на ЕУ која ја призна Палестина, додека Бугарија, Кипар, Чешка, Унгарија, Малта, Романија, Полска и Словачка го сторија тоа пред да влезат во Унијата.