Амбасадата на Република Словенија во Северна Македонија, заедно со Здружението на словенечки и македонски бизнисмени, денеска во Скопје организира економска конференција за 20 години од стапувањето во членство на Словенија насловена „Што ни донесе 20 години членство во ЕУ на економски план“. Со членството во ЕУ, посочуваат од Амбасадата, Словенија доби финансиски и развојни предности, бидејќи како граѓани на ЕУ им се отворија можности за вработување во другите земји-членки, патувањето во ЕУ стана лесно, а заедничката валута го поедностави деловното работење на компаниите и потрошувачката на поединците. Членството во Европската Унија, додаваат, ни носи многу други придобивки, но и одговорности. Целта на настанот е да се промовираат достигнувањата на словенечката економија во текот на дваесетгодишното членство на Словенија во ЕУ и, пред се, да се промовира словенечката економија во Северна Македонија. -Нашиот успех треба да се претвори во успех и на Македонија, да нѐ прати и да постигне еднакво ниво на развој како што е во Словенија, посебно на економски, социјален и политички развој, изјави денеска словенечкиот амбасадор Грегор Прескер во рамките на конференција во Скопје на која Словенија ги промовираше придобивките од дводецениското членство во ЕУ. Говорник беше и проф. д-р Мојмир Мрак – економист и редовен професор на Универзитетот во Љубљана, а се обратија Маја Кадиевска Војновиќ, советник на Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола и поранешен вицегувернер на Народната банка на Северна Македонија, Драган Тилев, државен советник за ЕУ прашања и координатор при Секретаријатот за европски прашања на Северна Македонија и Клемен Турк, менаџер на фабрика, ЛТХ Леарница Охрид.