БДП по глава на жител приспособен според паритетот на куповната моќ во 10-те земји-членки на ЕУ кои се приклучија на Европската унија пред две децении „драстично се зголеми“ и за 10 години ќе достигне 92 отсто од европскиот просек, изјави денеска комесарот за економија Паоло Џентилони.
Џентилони, презентирајќи ги пролетните економски прогнози, се осврна и на годишнината од големото проширување од 1 мај 2004 година, кога во Унијата се приклучија 10 нови членки. БДП по глава на жител во тие 10 земји беше 45 проценти во споредба со БДП на 14-те тогашни членки во 1997 година, кога започна процесот на пристапување.
Во времето на пристапувањето во 2004 година, тие беа на 51 отсто, но „драстично се зголемија во последните две децении, достигнувајќи 79 отсто од БДП на тогашните 14 земји-членки во 2023 година“.
Конвергенцијата кон поразвиените земји-членки ќе продолжи во следните десет години.
„Врз основа на нашите проекции во следните десет години, овие 10 земји-членки треба дополнително да го намалат јазот во приходите со „старите“ земји-членки. Во 2033 година, нивното просечно ниво на приход треба да се искачи на 92 отсто од оној на ЕУ14“, рече Џентилони.
Три години по големото проширување, Бугарија и Романија се приклучија на ЕУ во 2007 година, а Хрватска во 2013 година.
Тие три земји го намалуваат и заостанувањето зад развиените земји, особено Хрватска и Романија, кои во последните години растат побрзо од другите земји од Централна и Источна Европа, а некои од нив дури и ги надминаа.