Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска: Финансиската вклученост е значително зголемена изминатите години, работиме на натамошно унапредување

Soopshtenie Interv U Afi.jpg

Народната банка стана дел од Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), мрежа на централни банки и финансиски регулатори, чија цел е да се унапреди финансиската вклученост. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју објавено на веб-страницата на Алијансата, посочува дека во изминатиот период, финансиската вклученост кај нас е значително зголемена, и тоа во различни демографски групи. Ова се должи на напорите и залагањата за олеснување на пристапот до финансиските услуги, како и за финансиска едукација на населението.

„Според последните податоци објавени од базата на Светската банка „Финдекс”, процентот на населението постаро од 15 години со пристап до финансиска сметка е зголемено од 74% во 2014 година на 85% во 2021 година. Според истите податоци, се забележува висок раст кај дигиталните плаќања, особено кај младите, на возраст од 15 до 24 години, каде што бројот на лицата кои направиле или примиле дигитално плаќање е зголемено за една третина од 2014 до 2021 година”, посочува гувернерката. Таа истакнува дека и покрај видливите подобрувања кај нас, сѐ уште постои јаз во споредба со развиените економии, како на пример со еврозоната, каде што процентот на возрасните со платежна сметка е речиси 100%. „Затоа, преку проактивен пристап придонесуваме за намалување на овој јаз. Преземаме различни мерки и политики за да ја поддржиме финансиската вклученост на различни маргинализирани групи, како жените, младите и повозрасните граѓани”, вели Ангеловска-Бежоска. 

Во моментов се спроведува Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија (2021 − 2025 година), под водство на Народната банка, а во соработка со останатите финансиски регулатори. Меѓу значајните достигнувања се воспоставувањето рамка за соработка со засегнатите страни и усвојување повеќе стратешки документи, како што е Кодексот на добри практики за финансиска едукација. Во изминатите неколку години, Народната банка едуцира околу 22.000 лица од различни возрасни групи. Во рамките на централната банка беше основана и посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација, заради поттикнување на вклученоста и заштитата при користењето на финансиските услуги. Преку усвојувањето на новата законодавна рамка во платежната сфера, исто така, беше зацврстена заштитата на правата на потрошувачите.

„Во иднина, нашите приоритети ќе бидат насочени кон натамошно зајакнување на регулативата и практиките за заштита на потрошувачките права, проширување на програмите за финансиска едукација кон различни целни групи и користење на дигиталните канали во прилог на едукативниот процес. На кус рок, ќе бидеме посветени на зајакнување на надзорот над банкарскиот систем, финансиската вклученост на лицата со посебни потреби, како и финансиската вклученост на жените претприемачи”, посочува гувернерката.

Членството во АФИ, поддржано од ЕФСЕ и ЕБОР, ќе придонесе кон целите на Народната банка за унапредување на финансиската вклученост и писменост, преку размена на искуства и соработка со другите централни банки и меѓународните чинители.

Целото интервју е достапно на следнава врска: https://www.afi-global.org/newsroom/news/country-focus-advancing-financial-inclusion-in-north-macedonia/

Можете да прочитате

Очекувам во јануари банките да почнат активно да пренесуваат дел од средствата до компаниите, вели Мицкоски за унгарскиот заем

По Божик ќе биде исплатен вториот заем од 500 милиони евра од Унгарија, најави Мицкоски

Економски форум „Трка до дното“ – Транспарентност на државната помош за привлекување и поддршка на инвестиции во Западен Балкан