Утрински Весник
Балкан

Вучиќ со одговор на Стејт департментот за Вулин и Поповиќ: Еве се дружам и пијам со Додик, кој е под санкции

Vuchi .webp.webp

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска реагираше на пораката од Стејт департментот во која се вели дека САД се разочарани од фактот што Александар Вулин и Ненад Поповиќ, функционери кои се под санкции на САД, се дел од новата Влада на Србија.

Вучиќ рече дека „Владата на Србија ја избираат граѓаните“, а потоа го наведе случајот со Милорад Додик, кој беше со него во друштво, наведувајќи дека редовно се гледаат и пијат заедно и покрај тоа што претседателот на Република Српска е под американски санкции, јави дописникот на МИА од Белград.

-Па, и Милорад Додик е под санкции на САД и еве го до мене. Еве, се дружиме. Пиеме еднаш неделно, тој чашка ракија, јас вино, и што со тоа? Ова за нас не е добра вест, се надевам дека ќе имаме добри односи со нашите американски партнери. Исклучително е важно да имаме добри односи. Не ме радува нивната реакција, но Владата на Србија ја избираат граѓаните на Србија. Што тоа значи? Кога ќе воведат санкции против некого, ние треба понизно да ја наведнеме главата и да кажеме: Да, благодарам што не информиравте кој не треба да биде ништо. Па, претседателот Додик го избра народот и јас ја почитувам волјата на народот, исто како што ја почитувам волјата на оние што беа избрани овде, рече Вучиќ, реагирајќи на пораката од Стејт департментот.

Претседателот на Србија потоа додаде дека имало и критики поради тоа што во владата ќе има и „еврофанатични министри“.

-Слушнав забелешки и од другата страна, но тие беа толку љубезни што не зборуваат за тоа јавно. Важно е Владата да биде српска и да ги спроведува интересите на Србија, кажа Вучиќ.

Според најавите од мандатарот Милош Вучевиќ, новата влада на Србија ќе има и двајца членови кои се под санкции од САД – Александар Вулин, кој е предложен за вицепремиер и Ненад Поповиќ, кој е предложен за функцијата министер без ресор.

-Нашиот став за господинот Вулин е добро познат. Останува под американски санкции, се наведува во соопштението на Стејт департментот, во кое се нагласува дека „САД не играат никаква улога во кадровските решенија на српската Влада“. 

Можете да прочитате

Протест на опозицијата во Tиранa, полицијата употреби солзавец и водени топови

Се огласи жената која ја претепа Слобода Миќаловиќ: Почна да ја споменува мајка ми

Бојко Борисов: Ја повлекувам кандидатурата за премиер на Бугарија