Утрински Весник
Македонија

Награди на СЕММ за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

20240422171149 Big 730x400 35.webp.webp

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска ќе ги додели наградите за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“, објавени во периодот мај 2023 – април 2024.

Наградите се во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите на Југоисточна Европа: поддршка на новинарството како општо добро“ поддржан од УНЕСКО и Европската Унија.

СЕММ, во соработка со УНЕСКО, ги доделува наградите во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај, што годинава е посветен на важноста на новинарството и слободата на изразување во контекст на актуелната глобална еколошка криза.

-Во услови на загрозен одржлив развој, климатска криза и загадување на воздухот, водата и почвата, потиснувањето важни информации и ширењето дезинформации, особено преку социјалните мрежи, претставува ризик за јавното здравје, за кондицијата на природата и за демократскиот развој на заедницата. Наградите за новинарски текстови или видеоприлози се надеваме ќе бидат поттик за промовирање повисока свест за потребата од навремено, точно и етичко известување за човековата околина, но и за штетноста од дезинформациите во оваа сфера, што води кон намалена иницијативност од јавноста и од властите за ефикасна акција, соопшти СЕММ.

На доделувањето на наградите најавени се обраќања на шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, Билјана Георгиевска – извршна директорка на СЕММ и Џошуа Масаренти – регионален проектен координатор на УНЕСКО, со седиште во Сараево.

Во рамки на настанот, како што информира СЕММ, ќе биде промовиран и Прирачник за едукатори по новинарство – „Известување за вештачка интелигенција“, издание на УНЕСКО, преведено на македонски и на албански јазик.

Можете да прочитате

Повторно се разгоре огнот во боровата шума над село Ногаевци, во Општина Градско

Залутан куршум погодил возило на Финец кај Бит Пазар

Уапсени 12 возачи кои возеле без положен возачки испит