Утрински Весник
Македонија

Партиите ги откриваат ставовите за ЕУ и уставните измени, станува се појасно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да може да формира Влада

1712556520 Izbori.webp.webp

Како што наближува изборниот ден, речиси сите партии ги појаснуваат нивните ставови околу напредокот на земјава на европскиот пат и прифаќањето на преговарачката рамка и уставните измени. Се појасно станува дека најголемиот дел од партиите европската агенда ја ставаат високо во нивните програми, свесни дека за напредок на европскиот пат, мора да се направат уставните измени.

Исклучок, остануваат ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои или немаат јасен став или се против европската интеграција на земјава. Левица, во ставовите пренесени преку нивната претседателска кандидатка, Билјана Ванковска, недвосмислено порачува дека се против евроатлантските интеграции на земјава и посакуваат поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија, Договорот од Преспа, кој овозможи земјава да стане членка на НАТО и на Охридскиот рамковен договор, договорот кој спречи војна и обезбеди унитарност и мир.

ВМРО-ДПМНЕ без план, но и без коалициски капацитет

ВМРО-ДПМНЕ, декларативно, се за продолжување на европскиот пат и членство во ЕУ, меѓутоа од нивната програма, но и ставовите кои партиските лидери и функционери ги пренесуваат во јавноста, очигледно е дека тие немаат план како да го остварат тоа.

Тие остануваат против уставните измени, позиција која ќе ги стави во тешка ситуација во формирањето на постизборните коалиции, со оглед на тоа што најавија дека не би коалицирале со Левица, единствената партија покрај нив која е против внесување на Бугарите во Уставот.

Ваквите тврди ставови на опозициската партија би значеле дека, дури и во ситуација да освојат повеќе пратенички места на 8 мај, да не бидат во можност да соберат мнозинство за да формираат влада, бидејќи останатите партии имаат сосема поинакви програмски определби.

Уставните измени во плановите на сите партии, освен кај ВМРО-ДПМНЕ и Левица

Во албанскиот блок, и коалицијата предводена од ДУИ, но и коалицијата Вреди се со јасен и цврст став дека не би влегле во владина коалиција без гласање на уставните измени. Претседателскиот кандидат од ДУИ, Бујар Османи смета дека уставните измени треба да се случат ден по изборите, додека пренесувајќи го ставот на коалицијата „Вреди“, нивниот претседателски кандидат, Арбен Таравари, дава рок за тоа до Нова година, но сепак е главен услов за формирање влада.

Со цел остварување на европската агенда, уставните измени ги прифаќа и партијата ЗНАМ, на Максим Димитриевски, каде што се забележува омекнување на нивниот став дека ги отфрлаат уставните измени. Димитриевски на презентирањето на програмата кажа дека тие се за гласање на уставните измени во првите 200 дена од новата Влада. Сепак, во ваквиот став на ЗНАМ се наведува дека тие се за одложено дејство на измените.

Под знак прашалник можноста на ВМРО-ДПМНЕ да формира влада

Политичката поставеност во моментов покажува дека инаетот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не наидуваат на поддршка од останатите партии и дури и ВМРО-ДПМНЕ да добие мнозинство, под знак прашалинк е нивниот коалиционен капацитет по изборите.

Бизнисменот и поранешен политичар, Имер Селмани во поткастот „Политиканти“ на 29 март рече дека доколку Мицкоски остане на цврстиот став дека е против уставни измени, нема да може да формира влада.

Ако Мицкоски постави ултиматум и вика нема да има уставни измени, нема да има влада. Ќе мора да се најде модалитет, мора да има промена на уставот“ рече бизнисменот и поранешен политичар, Имер Селмани во поткастот „Политиканти“.

Тој додаде дека притисокот за уставните измени ќе биде голем од албанските партии бидејќи доколку некоја партија влезе во влада, без да се спроведат уставните измени ќе загуби многу.

Слично како него размислува и аналитичарот Сашо Ордановски, кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ во изборите влегува со надеж дека ќе имаат толку моќен резултат, што ги потценуваат противниците и останатите етнички заедници.

„ВМРО-ДПМНЕ тргнуваат во приказната дека ќе бидат толку моќни, што потоа ќе може да бираат со кого сакаат да коалицираат. Но, ако не биде моќен резултатот, можно е да не прават влада, иако се победници. Тоа може да им биде опасна, погрешна математика“ рече Ордановски.

Можете да прочитате

Тошковски: Договорено взаемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати

Сообраќајот кон Пониква и кон село Бели се одвива по една коловозна лента

Четврти Меѓународен форум на креативни индустрии во Скопје