Утрински Весник
Економија

ФИЧ: Со мерките на Народната банка инфлацијата и натаму ќе забавува

Narodnata Banka Scaled.jpg

„Соодветната монетарна политика, стабилизирањето на цените на храната на светските берзи, како и временото замрзнување на цените на храната кај нас придонесоа за намалување на инфлацијата”, посочува агенцијата за кредитен рејтинг „Фич”, во својот последен извештај за земјава, во кој го потврдува кредитниот рејтинг од „ББ+” со стабилен изглед.

Во извештајот на „Фич” се наведува дека поради затегнатата монетарна политика, инфлацијата се намали на 3% во февруари оваа година, во споредба со 19,8% во октомври 2022 година, кога го достигна највисокото ниво. Базичната инфлација исто така се намали на 4,7% во февруари, од највисокото ниво во декември 2022 година од 11,1%, за што придонесува и стабилизирањето на инфлациските очекувања. „Фич” прогнозира дека просечната стапка на инфлација ќе се намалува и во 2024 и 2025 година. Според нив, брзиот раст на платите претставува нагорен ризик за инфлацијата. Сепак, посочуваат дека зголемените профитни маржи во последниве години можат да неутрализираат дел од повисоките трошоци и да придонесат за намалување на ризикот од повисока инфлација.

Банкарскиот сектор и натаму е стабилен и профитабилен, а адекватноста на капиталот од 18,1% е на највисоко ниво во последните 17 години. Кредитната активност забави сведувајќи се на 5,1% во декември 2023 година, а забавуваат и цените на недвижностите како резултат на затегнатата монетарна политика и преземените макропрудентни мерки.

Агенцијата ги нагласува и поволните трендови кај денаризацијата, којашто е зголемена и го достигна нивото од 49,8% на крајот на 2023 година, со што се надминаа негативните ефекти забележани од почетокот на војната во Украина. За ова придонесуваат и последните остварувања кај депозитите коишто упатуваат на зголемено учество на денарските и долгорочните депозити на населението.

Можете да прочитате

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“