За ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори како носител на листата за пратеници во изборната единица четири повторно ќе настапи потпретседателот на партијата Александар Николоски.
Николоски беше носител и на изборите во 2020 година во истата изборна единица, но од тогаш до денес, името на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ се најде во голем меѓународен скандал.
Имено, низа европски тинк-тенк организации, германски и регионални медиуми открија меѓународен скандал, во кој се спомнуваше и името на Александар Николоски, пратеник и висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Според објавените наводи, за да се квалификуваат изборите во Азербејџан како фер и демократски, дел од пратениците на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) кои биле во набљудувачка мисија добивале пари, накит, скапи теписи, ноќевања во луксузни хотели во Баку и Инстанбул.
Тоа особено се однесувало за пратениците кои биле дел од набљудувачката мисија на изборите во Азербејџан во 2013 и 2015 година, како и на референдумот од 2016 година, а во тие мисии бил и Николоски, кој во еден наврат бил и шеф на Мисијата.
Но, дека не станува збор само за обични тврдења за наводна корупција, покажал и случајот со колегата на Николоски, италијанскиот пратеник Лука Волонте, кој поради таа афера бил осуден на четири години затвор заради примање мито од Азербејџан.
Одредени европски организации по тој повод Николоски го нарекоа „лидер на измамничка набљудувачка мисија“.
Иако поминаа три години од обеделувањето на случајот, Николоски ги нема до крај демантирано овие наводи на неколку сериозни европски тинк-тенк организации и медиуми.
Покрај овој скандал, во изминатите години Николоски често беше демантиран (понекогаш и од амбасади на пријателски држави и претставништва на меѓунардони организации) но никогаш се нема јавно извинето за тоа што јавно говорел нешто што не е вистина.
На крајот, фактот дека сите овие скандали и деманти не му ја загрозија позицијата во партијата, укажува дека Мицкоски или има голема доверба во него, или поради други причини се уште го „чува“ блиску до себе во партијата.