Руската фудбалска федерација објави промотивно видео за пријателскиот натпревар меѓу репрезентациите на Србија и Русија, а главен промотор е актерот Милош Биковиќ.
Биковиќ, кој кариерата паралелно ја градеше во Србија и Русија, во рекламата не може да одлучи за која репрезентација да навива. Ниту фрлање паричка (рубља), вадење ливчиња од цвеќе, ниту одење на психијатар не помага. Неговиот ум и срце се растргнати меѓу Србија и Русија, а заклучокот е дека има поделена личност.
Биковиќ неодамна остана без улога во американската продукциска серија на HBO „Белиот лотос“ поради неговите врски со Русија. HBO го откажа неговиот ангажман по реакцијата на Украина и потсетувањето на неговите претходни изјави и угледот што го ужива во Русија.
Тој не е единствениот од Србија кој активно учествува во промоцијата на мечот што ќе се одигра на 21 март во Москва.
Руските медиуми објавија дека Марко Радиновиќ, пејач со српско потекло кој живее во Русија, пред почетокот на натпреварот ќе ја отпее песната „Каќуша“.