Утрински Весник
Македонија

Тони Михајловски е добитник на годинашната награда за животно дело „Петре Прличко“

1200px Toni Miha Lovski 2.jpg

Тони Михајловски (1967), театарски и филмски актер кој над триесет години е дел од македонската култура и уметност, почитуван поради својот талент и посветеност, е добитник на театарската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2024. Вака едногласно одлучи жири-комисијата за доделување на актерска награда за животно дело „Петре Прличко“ во состав: Фаик Мефаиловски, претставник на Општина Велес, Благојчо Стојанов, претставник на Општина Велес и Слободанка Чичевска, актер, претставник на НУЦК театар „ЈХК- Џинот“ Велес. Наградата ја доделуваат Народниот театар „Јордан Хаџи Констатинов-Џинот“ и Општина Велес. Михајловски во Македонскиот народен театар е вработен од 1994 – 1999 година, откако дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности – Скопје.Повторно е дел од актерскиот ансамбл на театарот од 2003 година, а во текот на 2015 година е и уметнички директор на истиот. Првата улога во театар ја остварува во 1991 година во претставата „Крик“ во продукција на МНТ. Тони Михајловски е пред сѐ актер, но и ТВ- водител, режисер и текстописец. – Преку сите овие области тој се етаблира во една од најсестраните личности во македонската култура и уметност и во секоја од нив остварува автентични, препознатливи изведби и дела, забележани и од публиката и од критиката. Преку остварените ликови тој испишува голем дел во историјата на театарот. Михајловски е актер кој вредно и трпеливо ја гради својата кариера и прерасна во една од најдоминантните појави не само на македонската, туку и на балканската театарска и филмска сцена. Тој е еден од ретките наши актери чиј широк актерски распон е препознаен, видлив и вреднуван и надвор од нашата домашна продукција. Актер кој стана миленик на публиката од целиот Балкан, комплексна актерска личност кој реализира карактерни креации без исклучок дали се главни или споредни, низ кои се препознава и надградува стилот на неговата игра: сигурноста и квалитетот на индивидуалноста на Михајловски, неговата енергија и страст кон штиците што живот значат, кон камерата и моќта да го постави и толкува ликот низ неговата душа. Со појавата на Тони Михајловски, театарот и филмот како медиуми станаа побогати, а публиката е таа која со нетрпение го исчекува секој негов нов лик, ново искуство, нова потврда на неговата актерска величина – потенцираат во образложението за наградата. Наградата ќе му биде врачена на Михајловски на отворањето на Фестивалот „5-ре“ на 20 март, на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а во негова чест актерите од велешкиот театар премиерно ќе ја изведат претставата „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов.

Можете да прочитате

Почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Студено утро со температури и до минус 11 степени

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!