Двајца индонезиски пилоти заспале речиси 30 минути среде лет, покажа истрагата.
Авионот на Батик Ер летал од Југоисточен Сулавеси кон главниот град на Индонезија, Џакарта, на 25 јануари, според прелиминарниот извештај на Националниот одбор за безбедност на транспортот (НСТБ). Инцидентот резултираше со серија навигациски грешки, но 153-те патници и четворицата стјуардеси на Ербас А320 беа неповредени во текот на летот кој траел два часа и 35 минути.
Министерството за транспорт му замери на „Батик Ер“ за инцидентот, изјави генералниот директор за воздушен транспорт, Марија Кристи Енда Мурни, која ги повика авиокомпаниите да посветат поголемо внимание на периодите за одмор на екипажот.
„Ќе спроведеме истрага и преглед на операциите на ноќните летови во Индонезија во врска со управувањето со ризикот од замор за Batik Air и сите оператори на летови“, пренесе Гардиан.
Еден од пилотите не се одморил доволно ноќта пред летот, според извештајот. Приближно 90 минути по полетувањето на авионот, капетанот побарал дозвола од неговиот заменик кратко да се одмори, и барањето било усвоено. Копилотот потоа ја презел командата со леталото, но и ненамерно заспал.
„Заменикот имаше едномесечни бебиња близнаци. Неговата сопруга се грижеше за бебињата, а тој помагаше кога беше дома“, се вели во извештајот.
Неколку минути по последниот снимен пренос, регионалниот контролен центар во Џакарта се обидел да стапи во контакт со леталото. Не добиле одговор.
Дваесет и осум минути по последниот снимен пренос, пилотот се разбудил и сфатил дека неговиот копилот спие и дека леталото не е на правилната патека на летот. Тој веднаш го разбудил својот колега, одговарал на повиците од Џакарта и ја поправил патеката на летот, се вели во извештајот.
Авионот безбедно слетал по инцидентот.
Идентитетот на пилотите не е соопштен, но се вели дека се Индонезијци и на возраст од 32 и 28 години.