Властите во Хонг Конг денеска претставија предлог-закон со кој ќе се предвиди доживотен затвор за оние кои „ја загрозуваат националната безбедност“, продлабочувајќи ја загриженоста дека тоа може дополнително да ги ограничи граѓанските слободи веќе наметнати од Пекинг.
Се очекува законот да биде изгласан многу брзо, бидејќи мнозинството во Собранието на Хонг Конг го сочинуваат поддржувачи на официјалната политика на Кина.
Предложениот закон ги проширува овластувањата на државната власт да ги гони своите противници, а цел е шпионажа, откривање државни тајни и „соработка со странски сили“, кои ќе бидат казнети уште построго отколку сега.
За оние кои ја „оштетуваат јавната инфраструктура со намера да ја загрозат државната безбедност“ е најавена казна затвор од 20 години до доживотен затвор – доколку се докаже дека тоа го направиле „во договор со странска сила“.
За „бунт“ казната би била седум години затвор, а ако тоа го направат „во дослух со странска сила“ казната би била 10 години.
Проширената дефиниција за „странски сили“ вклучува странски држави и политички партии, меѓународни организации и „секоја друга странска организација што следи политички цели“, а ги вклучува и компаниите погодени од таквите овластувања.
Идниот закон ќе овозможи гонење на незаконски дејствија според таа регулатива, дури и ако тие биле извршени во странство, надвор од Хонг Конг.
Властите велат дека е неопходно да се спречи повторување на масовните антидржавни протести како оној во Хонг Конг во 2019 година и тврдат дека тоа ќе влијае само на „исклучително мало малцинство“ нелојални жители.
За време и по насилните продемократски протести во 2019 година, многу од водечките продемократски активисти беа уапсени, други побегнаа во странство, десетици граѓански организации беа забранети, независните медиуми беа затворени, а властите потиснуваат сè поголем број граѓанските слободи преку прописите.
Хонг Конг беше под колонијална администрација на Велика Британија до 1997 година, кога и беше вратен на Кина.