Денеска во Скопје почина пејачката на народна музика Атина Апостолова. Имаше 78 години. Веста за смртта на Апостолова ја објави фолк-пејачката Вики Среброва, која ѝ беше блиска пријателка.
Апостолова е родена на 20 мај во 1946 во Скопје. Дипломирала на Економскиот факултет. Нејзина најпозната песна е „Пејте мераклии“, покрај другите „Цела вечер ќе ти пеам“, „Верувај ми“, „Иле, Илија“.
Со пеење се занимавала уште од најраната младост. Откривајќи го нејзиниот музички талент, татко ѝ ја запишал во музичко училиште кога имала пет години. Таму учела да свири клавир до четврто одделение. Нејзиниот прв настап бил во тинејџерските години во емисијата „Микрофонот е ваш” каде што го освоила првото место со песната „Не си го продавај, Кољо, чифликот”.
Снимила четири касети од кои три биле снимени во Белград, а една во Македонската радио телевизија. Соработувала со авторите Ванчо Тарабунов, Милан Зафков, Никола Митровиќ, Орце Зафировски, Радмила Митровиќ и Огнен Неделковски.
Има снимено дуети со Ванчо Тарабунов и со Ефто Пупиновски. Во Австралија има настапувано со Круме Спасовски, Никола Бадев и Александар Сариевски. Во 2023 на фестивалот „Тумба Фест” во Куманово ја доби наградата за животно дело.