Утрински Весник
Македонија

Големата кашлица и грипот пред Комисијата за заразни болести

Tabla Mz.jpg

Од почетокот на годината до 1 март се регистрирани вкупно 120 случаи на голема кашлица на територијата на Скопје, изјави денеска доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) за МИА. На Универзитетска Клиника за детски болести во Скопје моментално има само едно дете со голема кашлица. Станува збор за доенче од Куманово, примено во скопската Детска клиника во петокот, а неговата здравствена состојба е стабилна, потврди професорката Светлана Кочева од Клиниката за детски болести за МИА. Комисијата за заразни болести ќе има состанок утре од 12 часот, а големата кашлица и грипот се меѓу темите на расправа. Информацијата за МИА ја потврди портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ. Комсијата за заштита од заразни болести ќе одржи состанок на кој треба да одлучат дали ќе има нови мерки по зголемувањето на бројката на новозаразени со голема кашлица. Комисијата ќе одлучува дали ќе  даде препорака до Државниот здравствен и санитарен инспекторат да ги задолжи градинките тие да направат список на вакцинирани и невакцинирани и да забранат прием на невакцинирани деца, бидејќи скоро речиси еден месец по прогласувањето на епидемија во Скопје градинките сè уште ги чекаат насоките на надлежните институции.  Вакциналните пунктови по првите препораки на Комисијата за заразни болести работат во две смени. Во последниот извештај за големата кашлица на Институтот за јавно здравје се наведува дека согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот, сите вакцинални пунктови во земјата од 18 јануари досега, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивна проверка на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

Можете да прочитате

1,95% ќе биде каматата за стопанството со 3 години грејс период и 15 години рок на отплата, рече Мицкоски

(Фото) Целиот состав на новиот Централен одбор на СДСМ

Трпезата за Нова година ќе биде поевтина? Се подготвува празнична потрошувачка со над 500 производи