Билјана Ванковска предложена за претседателски кандидат од политичката партија Левица, заклучно со вчерашниот ден има собрано 9.085 од потребните 10.000 потписи за да учествува на изборите закажани за 24 април и 8 мај. Зад неа е Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 7.994 потписи, додека другите кандидати од листата со единаесетмина пријавени кои собираат граѓански потписи се далеку од потребната бројка. Досега Бујар Османи, Арбен Таравари и Максим Димитриевски ги собераа потребните 10.000 потписи и ќе бидат на листата со кандидати за изборите. Викендов верификација на претсадателските кандидатури на партиски конвенции ќе добијат актуелниот претседател Стево Пендаровски од СДСМ и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО ДПМНЕ.
Вело Марковски има собрано 1.087 потписи, Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачката партија има собрано 977 потписи, Ѓорѓи Манасков – 323, а Зорица Цветковска – 105, Господин Попоски – 63.
Државната изборна комисија соопшти дека сè додека трае собирањето потписи, еднаш дневно ќе прави пресек на пристигнатиот број на потписи за секој подносител одделно и редовно ќе се ажурира.
Постапката за собирање потписи, почна на 23 февруари и трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, а кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Учесниците на изборите листи со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.