Утрински Весник
Македонија

Инклузија на Ромите и во зелени и дигитални иновативни технологии

Psx 20240228 105806.jpeg

Инклузијата на Ромите во зелените и дигиталните иновации и еднаквоста при управување со животната средина беа теми на кои се дебатираше на третото традиционално издание на Самитот РЕДИ, кој се одржа во хотел Мериот во Скопје. За време на самитот, панелистите се осврнаа на клучни прашања, давајќи увид во клучните приоритети, цели и стратегии за промовирање на инклузивен раст, дигитално зајакнување и еднаквост во управување со животната средина за ромските заедници на Западен Балкан. Овој самит претставува платформа за суштински дискусии и размена на знаења за потенцијалните предности и предизвици со кои се соочуваат ромските претприемачи во прифаќање на зелената и дигиталната револуција. И покрај историската маргинализација и дискриминација, ромските претприемачи покажаа издржливост и генијалност во искористување на можностите што ги нудат овие трансформативни движења, играјќи клучна улога во поттикнување на одржливиот развој. Петрика Дулгеру, извршен директор на мрежата РЕДИ, во својот поздравен говор се осврна на досегашните резултати на мрежата, како што се мапирање на преку 3.500 ромски бизниси, помош на преку 1.000 ромски претприемачи и вложување на 4 милиони евра во РЕДИ Фондот за микрофинансирање на ромски бизниси, тој исто така ја поздрави посетеноста на самитот и заинтересираноста за темите кои што беа опфатени со настанот. За Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, ја нагласи важноста од користење на технологијата и иновациите за да се создадат можности за сите. „Ја истакнав цврстата посветеност на Владата за градење на системска сензибилност кон различностите, кон инклузијата и градењето на едно оптшество за сите, што беше формализирано  со „Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и социјалната кохезија 2024-2026 година“, како и со Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 година, која беше изработена и усвоена согласно насоките на Стратешката Рамка на ЕУ за Ромите. Ова значи дека вредносните патеки кои водат кон ЕУ и инклузија на различностите, се спојуваат една со друга“ нагласи Битиќи. Тој нагласи дека кога се зборува за инклузијата, овде е и Националната Развојна Стратегија 2024-2044 година, која токму, преку инклузивен процес успеа во нејзиното создавање да вклучи над 14 илјади граѓани, претставници од академијата, бизнисот, граѓанскиот сектор и речиси сите политички партии. „Оваа Стратегија на вчерашната седница на Владата беше усвоена, по што влегува во собраниска процедура за усвојување. Во нејзинота изработка никој не беше изоставен поради своите различни убедувања, верувања, идентитети или припадности, вклучително и Ромите. Создадовме можност и таа можност беше искористена, секој даде свој придонес во поставувањето на дваесет годишната визија за развојот на државата“, вели Битиќи. И министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски ги истакна напорите на Владата за справување со социјалните нееднаквости и промовирање на економската вклученост на ромските заедници. Министерот Велковски ја истакна и важноста на заедничкиот пристап кој ги вклучува Владата, граѓанското општество и приватниот сектор за да се постигнат целите за одржлив развој и да се обезбедат еднакви можности за сите граѓани. „Ромите биле и ќе бидат во фокусот на политиките на државата. Тие се составен дел на нашето мултикултурно општество и затоа и во иднина треба сите заедно да придонесеме за нивно поквалитетно интегрирање во сите сфери на општественото живеење“, вели Велковски. Според извршниот директор на Фондацијата Роми за Европа, Жељко Јовановиќ ромската популација дава придонес за регионот и пошироко. „Наместо да се гледа на Ромите како на социјален случај, треба да се гледа како на млада работна сила вредна за инвестиција во областа на образованието, вработувањето и претприемништвото. Нивното исклучување од пазарот на трудот и формалната економија резултира со значителни општествени загуби и од финансиска смисла која има влијание врз пензиите, здравствената заштита и трошоците за образование“, порача Јовановиќ. На Самитот присуствуваа околу 150 учесници од земјава и регионот кои дискутираа за иновативни стратегии, политики и партнерства насочени кон зајакнување на регионот на Западен Балкан во искористување на дигитализацијата и создавање нови работни места. Исто така, беше опфатено и прифаќањето на одржливите практики преку иницијативи за зелена и соларна енергија, беа истражени начини за обезбедување правичен пристап до финансиски ресурси и можности за маргинализираните заедници. Експертите, на панел дискусијата насловена како „Отклучување на можностите“ говореа за иновативните солуции за финансирање за ромското претприемништво и развој на заедницата, дискутирајќи го влијанието на инвестирањето, микрофинансирањето и јавно-приватните партнерства. Беа споделени успешни приказни и најдобри практики и беа донесени препораки за активни политики за отворање на патот кон поинклузивна и попросперитетна иднина за ромските заедници. На втората панел дискусија „Зајакнување на иднината“ се говореше за промовирање на инклузивноста, новите можности за работа и дигиталното зајакнување на маргинализираните заедници. Беа истражени стратегии, политики и иновации за да се опремат ромските заедници со вештини и алатки потребни за работните места на иднината, особено во сферата на дигитализацијата. Експертот Дејвид Тимиш ја нагласи важноста на програмите за преквалификување, истакнувајќи го недостигот на таленти во клучните сектори како што се технологијата и зелените работни места, како и важноста за промовирање на вештини засновани на барањата на пазарот на труд како предуслов за успешна трансформација на работната сила. Последниот панел „Премостување на празнините“ се осврна на иницијативите за соларна енергија и вклученост на маргинализираните заедници во овие иницијативи, со цел транзицијата кон одржлива енергија да има инклузивен карактер. Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, го истакна значењето на регулаторните рамки за олеснување на интеграцијата на ромските заедници во иницијативите за одржлива енергија, нагласувајќи ја важноста од инклузивни политики за правичен пристап до зелените енергетски ресурси. Со ова се согласи и градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш. Како дополнување на панелите, беа организирани и разговори со ромските претприемачи кои учествуваа во некои од мерките и иницијативите на РЕДИ, за време на кои беа споделени инспиративни приказни, прикажувајќи го опипливото влијание на програмите на РЕДИ насочени кон поттикнување на претприемништвото и економското зајакнување во ромските заедници. Во рамки на Самитот се одржа и Саем на Роми претприемачи од државата и од соседна Србија, коj обезбеди енергична платформа за прикажување на иновативните потфати и разновидните таленти на ромските претприемачи, истакнувајќи го нивниот придонес кон економскиот раст и социјалната вклученост во регионот. Самитот РЕДИ е годишен настан за застапување на интересите на Ромите, обезбедувајќи платформа за дијалог, соработка и размена на знаења меѓу клучните засегнати страни, вклучувајќи владини претставници, експерти, креатори на политики, бизнис лидери, претставници на граѓанското општество и студенти, со сеопфатна цел да се поттикне економскиот развој и социјалната вклученост на Ромите во регионот на Западен Балкан.

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина