Во „Лабораториум“ денеска ќе биде отворен „Лаб дизајн маркет“ – изложбен салон и заедница на дизајнери и занаетчии од Северна Македонија, кој ќе работи од вторник до сабота од 12 до 18 часот.
-Идејата на маркетот е да им се понуди на македонските дизајнери најдобриот начин на поддршка, а тоа е продажба на нивните производи, директно во маркетот и на интернет-продавницата. Со основањето се очекува да се створи заедница меѓу дизајнерите од која ќе зајакне локалната дизајнерска сцена, ќе произлезат соработки и заеднички ќе се делува на подобрување на довербата на клиентите во македонскиот дизајн, соопшти „Лабораториум“.
„Лабораториум“ објави повик за учество на маркетот до дизајнери и занаетчии кои изработуваат производи и нудат услуги во областа на текстилот, накитот, модните додатоци, индустриски производи, мебел, дизајнерски производи наменети за деца, за домот, осветлување итн. со фокус на рачната изработка, одржливоста, еколошкото и етичко производство.
За учесниците на маркетот одлучи стручна комисија која ги разгледа апликациите на кандидатите. Проектот е поддржан од „Fashion Revolution Macedonia“.