Судот во Узбекистан осуди на затворска казна 23 лица обвинети за смрт на 68 деца кои починале откако конзумирале сируп за кашлица. Обвинетите се прогласени за виновни за даночно затајување, продажба на неквалитетни или фалсификувани лекови, злоупотреба на положбата и овластувањето, небрежност, фалсификување и поткуп.
Казните се движат од две до 20 години затвор. Контаминираните сирупи ги произведе индиската компанија Марион Биотек, а во Узбекистан ги дистрибуирала компанијата „Курамакс Медикал“. Синг Рагвендра Пратар, извршен директор на Курамакс Медикал, доби максимална казна од 20 години затвор.
Семејствата ќе добијат по 80.000 долари отштета
Осудени се и поранешни високи функционери кои беа одговорни за лиценцирање на увозни лекови. Светската здравствена организација (СЗО) минатиот јануари објави дека два сирупа за кашлица на Марион Биотек не ги исполнуваат стандардите, откако 18 деца во Узбекистан починаа откако го конзумирале сирупот.
Марион Биотек во тоа време ги отфрли обвинувањата и за Би-Би-Си изјави дека не се согласува со наодите на СЗО. Производството на сирупот подоцна беше суспендирано од индиското Министерство за здравство, а лиценцата на компанијата беше суспендирана од Одделот за безбедност на храна во индиската држава Утар Прадеш. Но, во меѓувреме починаа повеќе деца.
Судот одлучи семејствата на 68-те починати деца да добијат по 80.000 долари отштета. Истата сума ќе добијат и семејствата на четири деца кои станале инвалиди по конзумирање сируп против кашлица.