Државната изборна комисија на својата веб страна, од утре секојдневно ќе информира за бројот на собрани потписи за секој од подносителите на иницијатива за кандидат за Претседател на Република Северна Македонија. Еднаш дневно ДИК прави пресек на пристигнатиот број на потписи за секој подносител поединечно и истиот редовно се ажурира. Моментално, во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, единаесет подносители на иницијативи за кандидирање за претседател на државата собираат потписи за кандидати. За да учествуваат во претседателската трка кандидатите треба да соберат по 10.000 потписи, или да имаат поддршка од 30 пратеници. Во трката за собирање на потписи не се кандидатите на СДСМ, актуелниот претседател Стево Пендаровски и на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, кои треба да бидат официјално верификувани на партиските конвенции најавени за 2 и 3 март. Заклучно со 23 февруари 2024 година, бројот на собрани потписи за секој од подносителите на иницијатива за кандидат е следен:
- Вело Марковски 98
- Билјана Ванковска Цветковска 1105
- Томе Николоски 0
- Бујар Османи 3261
- Господин Поповски 0
- Максим Димитриевски 1594
- Стевчо Јакимовски 658
- Ѓорѓи Манасков 21
- Арбен Таравари 1
- Мерсиха Смаиловиќ 0
- Зорица Цветковска 0