Се додека е потребно, ЕУ ќе обезбедува финансиска поддршка и муниција за Украина и ќе продолжи со обуката украинските војници, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред припадниците на украинските Вооружени сили кои се распоредени во одбрана на аеродромот „Антонов“ во Хостомел, во близина на Киев.
– Ја спасивте вашата земја и му дадовте шанса на отпорот на Украина. Само минатата недела соборивте седум борбени авиони, се вративте во Црното Море и ја продолживте трговијата. Ова се чинеше невозможно пред две години, нагласи Фон дер Лајен, која денеска престојува во посета на Украина во придружба на премиерите на Белгија, Александер Де Кро, на Италија, Џорџа Мелони и на Канада, Џастин Трудо.
Како што јави репортерот на Белга, кој е специјален известувач од Киев за мрежата ЕНР од која дел е и МИА, Фон дер Лајен потенцира дека е убедена оти Украина ќе продолжи да ги изненадува сите, како што тоа го правеше и досега.
– Се додека е потребно, ќе обезбедиме финансиска поддршка, муниција и ќе продолжиме да тренираме војници и да инвестираме во нашата европска одбранбена индустрија, нагласи Фон дер Лајен во сообраќањето пред војниците на аеродромот „Антонов“, на кое присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Посочувајќи на големиот авион од типот „Антонов“, наречен „Сон“, кој беше уништен во Хостомел пред две години, Фон дер Лајен нагласи дека можеби е уништено леталото, но не и сонот.
– Сонот за слободна и суверена Украина живее и Хостомел ќе биде запаметен како нов почеток, истакна претседателката на Еврокомисијата.
Претходно, Фон дер Лајен присуствуваше на церемонија на примопредавање на 50 теренски возила на украинската полиција, кои се донација од ЕУ.
– Задоволство ми е што предавам 50 нови возила финансирани од ЕУ на украинската полиција. Тие ќе им помогнат во секојдневната работа за да придонесат за безбедноста и стабилноста на териториите ослободени од страна храбрите украински вооружени сили и да го поддржат населението. Ова е солидарноста на ЕУ на дело, наведе Фон дер Лајен на Икс по церемонијата.
Утрово, по пристигнувањето на киевската железничка станица, Фон дер Лајен изјави дека оваа посета на Киев на денот кога се одбележува втората годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина е со цел да му се оддаде признание на извонредниот отпор на храбриот украински народ.
– Неодамна најавивме голема финансиска поддршка за Украина, но исто така е многу важно и да ја изразиме нашата морална поддршка. И, се разбира, ова патување ќе биде можност да разговараме за сите аспекти на нашата европска поддршка за Украина, изјави Фон дер Лајен.
За време на престојот во Киев, предвидено е Фон дер Лајен и тројцата премиери што ја придружуваат да имаат средби со претседател Зеленски и со украинскиот премиер Денис Шмихал, да положат венци на Ѕидот за сеќавање на загинатите украински бранители во конфликтот со Русија, како и да се сретнат со група украински студенти.
Руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари 2022 година, започнувајќи ја најголемата воена офанзива во Европа по Втората светска војна, што резултираше со најмалку 10.000 цивилни и стотици илјади воени жртви, 3,6 милиони внатрешно раселени лица и 6,3 милиони украински бегалци во други земји.