Косовскиот вицепремиер и главен преговарач во диајлогот со Србија, Бесник Бислими изјави дека добил покана од Брисел за разговори во врска со новата регулатива на Централната банка на Косово, со која се предвидува единствена валута во Косово да биде еврото, но дека одбил да учествува, јави дописникот на МИА од Приштина.
На вчерашната тркалезна маса „Економски развој за Србите во Косово“, организирана од Центарот за хуманитарен дијалог, одржана во Чаглавица кај Приштина, Бислими рече дека нема да учествува на средбата што ја свикал посредникот на ЕУ во дијалогот, Мирослав Лајчак, бидејќи „прашањето на динарот не е дел од дијалогот“.
Тој додаде дека во текот на идната недела ќе се одлучи кој од Косово би отишол на една таква средба.
– Нема никаков развој, има барање од Брисел следната недела да се одржи состанок за прашањето за регулирање на трансферот на монетите од Србија во Косово, но тоа не е средба каде што треба да оди главниот преговарач, бидејќи прашањето за динарот не е дел од дијалогот. Јас одам кога се разговара за дијалог. Идната недела ќе видиме кој ќе оди, рече Бислими.
Тој нагласи дека немало претходна согласност за таква средба и го обвини европскиот емисар дека ги прекршил принципите што самиот ги поставил.
– Лајчак ми го испрати писмото бидејќи постојано комуницира со мене. Но овој пат мислам дека ги прекрши принципите што самиот тој ги постави, затоа што првпат закажува средба без претходен договор со страните и се обиде да ја постави агендата наспроти принципите што ги постави во 2021 година. Ниту една тема не се става на дневен ред без претходна согласност од страните, рече Бислими.
На 1 февруари стапи во сила регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК), која предвидува дека за плаќање во земјата ќе се користи единсгвено евро валута, со што се става крај на употребата на српскиот динар, со кој властите од Белград им исплаќаат пензии, социална помош и други придонеси на косовските Срби. ЦБК објави транзициски план, кој би траел три месеци, за прилагодување на српското население кон новите правила, меѓутоа ЕУ и САД бараат подолг период пред конечното спроведување на забраната на употрабата на динарот.