Утрински Весник
Свет

Естонската премиерка бара да се заплени рускиот имот пред претседателските избори во САД

Ka A Kalas.webp.webp

Каја Калас, премиерката на Естонија, изјави дека Западот треба да ги заплени замрзнатите средства на Русија пред претседателските избори во САД, што е дополнителен знак на европска загриженост за влијанието што може да го има втората победа на Доналд Трамп врз западната политика кон Русија и поддршката за Украина.

– Изборите се секогаш турбулентни времиња, изјави Калас за Фајненшл Тајмс на маргините на Минхенската безбедносна конференција. – Секогаш е подобро да направиме се што можеме пред важни избори, додаде таа.

Изгледите Доналд Трамп да стане кандидат на Републиканската партија за овогодинешните претседателски избори во САД исплаши многумина во Европа, особено откако тој рече дека ќе и каже на Русија да направи „што по ѓаволите сака“ со земјите од НАТО кои не потрошиле доволно за одбрана, наведува весникот.

Вашингтон досега ги притискаше своите сојузници да најдат начини да се запленат 260 милијарди евра од средствата на руската централна банка, кои беа замрзнати како одговор на руската инвазија на Украина пред речиси две години. Околу 191 милијарда евра од имотот на Москва се чуваат во Euroclear, депозитар за хартии од вредност со седиште во Брисел.

Естонија долго време се залага за конфискација на имот. Но, Париз и Берлин се претпазливи поради загриженоста за законитоста, финансиската стабилност и можната освета..

Калас истакна дека запленувањето на руските средства ќе биде дополнителна алатка која може, заедно со воената помош за Украина и чекорите за политичка изолација на Русија, да помогне да се стави крај на војната. „Ова е економскиот притисок што можеме да го извршиме врз руската економија за да се забрза пресвртната точка на оваа војна.

Минатата година, ЕУ во Ден Хаг воспостави Регистар за штети заради евиденција на докази и барања за штети, загуби или повреди предизвикани на поединци, компании и на украинската држава од руската инвазија. Калас рече дека замрзнатите средства може да се искористат за покривање на тие загуби: „Ако остане нешто, можеме да и го вратиме на Русија“, додаде таа.

Калас разговараше со ФТ пет дена откако Русија издаде потерница по неа, што е првпат Кремљ да поднесе кривична пријава против западен лидер откако  ја започна инвазијата на Украина.

Овој потег очигледно беше поврзан со напорите на естонската влада да ги отстрани спомениците од советската ера. – Путин сака да испрати порака дека Естонија е всушност руска територија и дека тој има јурисдикција над нас, изјави таа за ФТ. „Тоа е империјалистички начин на размислување“.

Таа го поврза потегот на Русија против неа, кој предизвика „многу честитки и поздрави“, со смртта во руски затвор на Алексеј Навални, руски опозициски лидер, .

– Целта е да нè преплашат мене и западните земји да се воздржиме од одлуките што инаку би ги донеле, посочи таа.

Естонската премиерка вели дека не е шокирана од смртта на Навални. „Путин го мачеше долго време“, истакна Калас.. „Тоа е од прирачникот што секогаш го користат – прирачникот за диктатори“. 

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков