Европските претставници денеска го обвинија рускиот претседател Владимир Путин за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, рекоа во заедничка изјава дека нема да штедат напор да го изнесат рускиот политички врв и власти на одговорност, тврдејќи дека Навални „е полека убиен од претседателот Путин и неговиот режим, кој најмногу се плаши од несогласувањето на сопствениот народ“.
„Бараме руските власти да ги утврдат сите факти околу смртта на Навални. Русија мора веднаш да ги ослободи сите други политички затвореници“, изјавија тие.
Фон дер Лајен и Борел нагласија дека се шокирани и тажни поради смртта на Навални и дека постојано ја повикувале Русија да ја осигура неговата безбедност и здравје.
Тие оценија дека Навални покажал неверојатна храброст и решителност во текот на целиот свој живот, а руските власти одговориле на неговите „легитимни политички и антикорупциски активности со политички мотивирани мерки“ и го испратиле во затворска колонија далеку од Москва.
Борел и Лајен рекоа дека нивните мисли се со сопругата на Навални, Јулија Навални и со остатокот од неговото семејство, како и со сите оние во и надвор од Русија кои, како што наведоа, „веруваат во демократската и мирна иднина на Русија“.
Ќе го почитуваме неговиот спомен како борец за слобода“, велат тие.
Претседателката на Европската комисија, Роберта Мецола, денеска на своја сметка на мрежата Х изјави дека светот изгубил борец, „чија храброст ќе одекнува низ генерациите“.
„Русија му ги зеде слободата и животот, но не и достоинството. Неговата борба за демократија се уште е жива“, рече Мецола, додавајќи дека била ужасната од неговата смрт.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, истакна дека ЕУ ги смета руските власти одговорни за смртта на Навални.
Канцеларијата на Федералната казнена служба на Русија за автономниот округ Јамало-Ненец објави претходно денеска дека починал Навални, кој таму издржувал затворска казна.