На помалку од 100 денови од парламентарните избори, на политичката сцена постои остра поделба на политичките концепти што ќе настапат на изборите.
На една страна се партиите од актуелното парламентарно мнозинство, на друга опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица, како и Европскиот сојуз на три опозициски партии од албанскиот политички кампус.
За тоа на која страна ќе превагне Алијанса за Албанците деновиве се води вистинска внатре во раководството на партијата.
Последните неколку денови се случија дузина кавги, но и физички напади и смртни закани на релација Арбен Таравари – Зијадин Села и групите под нивна контрола.
Сето тоа, според извори од Алијанска се очекува да куминира во сабота кога Централното претседателство на партијата чиј претседател е Села, ќе бара одговорност од лидерот на партијата Таравари.
Препукувањата, тензиите не се непознато во македонскиот политички фолклор, но во последните неколку години и владејачкиот и опозицискиот блок, освен што се разликуваат по идеолошките и програмски определби, се разликуваат и по односите внатре меѓу партиите.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица заедно ќе рушеа Влада па се обвинуваа меѓусебно која од нив била вистинска опозиција
Победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година и добриот резултат на советничките листи на Левица, беа вовед за идна соработка меѓу двете партии.
Иако направија коалиции во Советите во речиси сите општини вклучително и во Град Скопје, брзо „пукна“ тиквата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
По само неколку месеци откако Апасиев и Мицкоски седнаа на иста маса за да прават ново парламентарно мнозинство (период што коиндицира со кавгата што се случи меѓу Данела Арсовска и Христијан Мицкоски) се растури коалицијата меѓу Левица и ВМРО-ДПМНЕ а потоа повремено, но рафално се случуваа(т) препукувања меѓу двете партии.
Тоа најизразено беше во парламентот каде пратениците од двете партии меѓу себе се обвинуваа за предавство и самите себе си се прогласуваа за „вистинска опозиција“.
ВМРО-ДПМНЕ освен со Левица и Данела Арсовска, ја прекина соработката и со довчерашниот коалициски партнер ГРОМ на Стевчо Јакимовски, а освен што не може да ја задржи соработката, се чини дека и внатре во самата ВМРО-ДПМНЕ работите се уште не се чисти а последен доказ за тоа беа преписките помеѓу почесниот претседател Никола Груевски со актуелниот лидер Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Владината коалиција е сплотена, верува и работи за исти цели и вредности
Од друга страна, ако се изземат последните случувања во Алијанса за Албанците, парламентарното мнозинство функкционира прилично компактно.
Во изминатиот период, очигледно беше и се уште е единството околу стратешките цели на државата, европската интеграција, како и носењето на потребните уставни измени.
Изборот на техничкиот премиер Талат Џафери мина прилично глатко, исто како и изборот на новиот претседател на Собранието, Јован Митрески.
Разногласие немаше ниту за други кадровски решенија, а уште помалку околу законите и реформите зацртани во владината програма.
Голем дел од партиите во коалицијата околу СДСМ, како ЛДП, НДСП, ДОМ…потврдија дека ќе ја продолжат соработката со досегашниот коалициски партнер.
Разговорите за заеднички настап на СДСМ и коалицијата и ДУИ на парламентарните избори и еветуално и во првиот круг на претседателските се уште се отворени, а последните информации што доаѓаат од партиите се дека поголеми се шансите заедничките листи да се случат, отколку да не се случат.
До парламентарните избори има уште доста време, па ќе биде интересно да се види колку и како овие односи на политичките субјекти внатре во политичките блокови ќе влијаат на изборниот резултат на коалициите.