Утрински Весник
Магазин

Парижаните гласаа за тројно поголеми трошоци за паркирање спортски теренци

Jl80561.webp.webp

Парижаните гласаа за тројно зголемување на трошоците за паркирање на SUV возилата. На вчерашниот референдум, кој будно го следеа и другите главни градови, 54,6 отсто од луѓето гласаа за посебни давачки за паркирање теренци, покажуваат првичните резултати.

Сепак, одѕивот – од околу 5,7% од регистрираните гласачи во Париз – беше помал отколку што се надеваа зелените активисти.

„Парижаните направија јасен избор… ќе следат и други градови“, рече градоначалничката на Париз, Ан Идалго, додавајќи дека безбедноста на патиштата и загадувањето на воздухот се клучни причини за гласањето.

Идалго претходно изјави дека зголемувањето на цените за паркирање на големи возила е „облик на социјална правда“. Таа рече дека предлогот е намерно насочен против најбогатите возачи на скапи, тешки и загадувачки автомобили кои сѐ уште не го промениле своето однесување за да одговорат на климатската криза, пишува Гардијан.

Новите цени за паркирање би можеле да стапат на сила на почетокот на септември. Цената на паркирањето на улица за теренци ќе се зголеми на 18 евра на час во центарот на Париз и 12 евра на час во остатокот од градот.

Цените ќе важат за возила со тежина над 1,6 тони со мотор со внатрешно согорување или хибридни возила и за електрични возила со тежина над 2 тона.

Тони Ренучи, директор на кампањата за квалитет на воздухот „Respire“, рече: „Резултатот од гласањето е победа за квалитетот на животот на парижаните“. Тој додаде дека Париз испраќа порака дека „присуството на овие чудовишта на тркала повеќе не е добредојдено на улиците“.

Емануел Грегоар, заменик-градоначалник на Париз, објави на X: „Потешки, поопасни, позагадувачки… SUV-овите се еколошка катастрофа“.

Минатата година, Париз одржа слично гласање за тоа дали да ги забрани изнајмените електрични скутери и последователно стана првиот европски главен град што го стори тоа. Одѕивот за тоа гласање – 103.000 луѓе, околу 7% од регистрираните гласачи – беше поголем отколку за гласањето за SUV.

Под Идалго, Париз со години го зголемуваше притисокот врз возачите со зголемување на трошоците за паркирање и постепено укинување на возилата со дизел, а истовремено ја прошири мрежата на велосипедски патеки во преполниот главен град. Градот го намали бројот на улични паркинг места за возачите да можат да користат подземен паркинг.

Од крајот на забраните за излегување поради корона вирусот до 2023 година, користењето велосипеди се зголемило за 71 отсто, објави градското собрание.

Заменик-градоначалникот на Париз задолжен за транспорт, Дејвид Белијард од Партијата на зелените рече дека околу 10 отсто од возилата во Париз ќе бидат погодени од повисоки такси за паркирање, што може да му донесе на градот до 35 милиони евра годишно.

Лоби-групата за возачи „40 милиони автомобилисти“ тврдеше дека возачите треба да бидат слободни да изберат кое возило го сакаат, предупредувајќи дека потегот за покачување на цените за паркирање е неоправдан и дека е дело на „ултра-урбано и антиавтомобилско малцинство“.

Можете да прочитате

Еве зошто одењето е поздраво од трчањето

Ангелските души се раѓаат во овие три знаци! На нивната добрина и нема крај

Печурките имаат магично својство! Ја подобруваат меморијата и ја намалуваат анксиозноста