Утрински Весник
Свет

Во пожарите кои го зафатија Чиле загинаа најмалку 19 лица, а уништени се 1.100 домови

Screenshot 2024 02 03 201420.png

Во шумските пожари во Чиле загинаа најмалку 19 луѓе, а беа уништени околу 1.100 домови, соопштија денеска официјални лица. Чилеанската министерка за внатрешни работи, Каролина Тоха изјави дека во моментов горат 92 шумски пожари во центарот и јужниот дел на земјата, каде температурите се невообичаено високи оваа недела. Тоха не даде детали за 19-те жртви, но рече дека двата пожари во близина на градовите Килпу и Вила Алемана изгореле најмалку 8.000 хектари земја откако избувнаа во петокот. Таа рече дека спасувачките тимови сè уште се борат да стигнат до населбите во Валпараисо, еден од најтешко погодените градови. Министерот додаде дека во зоната се донесени 19 хеликоптери и повеќе од 450 пожарникари за да го контролираат пожарот. Претходно денеска претседателот на Чиле, Габриел Бориќ прогласи вонредна состојба, а Националната служба за превенција и одговор при катастрофи издаде црвен аларм и побара евакуација на шест општини, пет во близина на градот Виња дел Мар и една во Вила Алемана.

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд