Речиси 1.000 земјоделци на трактори блокираа неколку централни улици во Брисел, особено во близина на европскиот кварт, каде што се очекуваат лидерите на ЕУ на вонредниот состанок на Европскиот совет.
Земјоделците, кои дојдоа од цела Европа да протестираат против заедничката земјоделска политика (ЗЗП) и зелениот договор, а особено од Италија, го блокираа плоштадот пред Европскиот парламент и подметнаа неколку пожари, пренесува „Анса“.
Пријавени се и други случаи на вандализам, како фрлање камења и палење петарди, а во прекин е сообраќајот и во околината на Брисел, јавува холандскиот јавен сервис ВРТ.
Конвој земјоделци со трактори се упатија кон седиштето на ЕУ во Брисел претходно денеска со цел да ги презентираат своите поплаки за високите цени, правилата и бирократијата на лидерите на блокот на самитот на кој треба да се разговара за испраќање помош за Украина.
„Ќе има многу луѓе. Ќе покажеме дека сме незадоволни и тоа е доволно, нашата цел не е да урнеме сè“, вели Жан Франсоа Рикер, земјоделец од јужна Белгија, додавајќи дека очекува меѓу 1.000 и 1.400 возила на протестот.
Земјоделците блокираа повеќе патишта во Белгија, Франција и во Италија во средата, пренесува АП.
Протестите имаа непосреден ефект и Европската комисија во средата ги објави плановите да ги заштити земјоделците од евтиниот извоз од Украина за време на војната и да им дозволи на земјоделците да користат дел од земјиштето што е принудено да лежи во отпад од еколошки причини.
Плановите треба да бидат одобрени од 27-те земји членки на блокот и Европскиот парламент, но тие претставуваат симболична отстапка за европските земјоделци.
„Би сакал само да ги уверам дека правиме сè што е во наша моќ да ги слушнеме нивните грижи. Мислам дека моментно се занимаваме со важни теми за нив“, рече потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ.