Утрински Весник
Свет

Либија: Штетата од поплавите 1,65 милијарди долари

Libija

Разорните поплави предизвикани од бурата „Даниел“ во септември минатата година предизвикаа вкупна штета од околу 1,65 милијарди долари во источна Либија, се наведува во денеска објавениот извештај на Светската банка, ОН и ЕУ, според агенциите од Магреб.

Таа чудесна сума претставуваше околу 3,6 отсто од БДП на Либија во 2022 година. За сеопфатна реконструкција ќе бидат потребни 1,8 милијарди долари, процениле подносителите на овој извештај.

Во меѓувреме, водните порои подигнати од „Даниел“ минатата есен им се заканија на 1,5 милиони Либијци или 22 отсто од населението на разорената земја со најголеми докажани резерви на ултра квалитетна нафта во Африка.

Во првиот удар од поплавите, 44.800 лица беа принудно раселени, меѓу кои околу 16.000 деца, додека над 18.500 куќи беа уништени или оштетени. Заедничкиот извештај на Светска банка, ОН и ЕУ вклучуваше проценка на штетите во 20-те најзагрозени општини во источна Либија, како и петте најуништени градови, Дерна, Суза, Ал-Беида, Ал -Марџ и Шахат каде настанале 85 проценти од штетата.

Според проценките на експертите на трите институции кои го издадоа Извештајот за штетите предизвикани од поплавите во источна Либија во септември 2023 година, лавовскиот дел од средствата неопходни за изградба, санација и реконструкција на згради, околу 70 отсто, ќе бидат неопходни за работи во обнова на патната инфраструктура и високоградба.

Жоржет Гањон, заменик специјален пратеник на генералниот секретар на ОН за Либија и координатор на хуманитарните активности на Светската организација во таа северноафриканска земја, вчера им предложи на локалните политички актери да воспостават „координирана национална платформа за реконструкција“, објави „Либија хералд“.

Можете да прочитате

Пет ракети истрелани од Либан врз Израел

Трамп именуваше голем број нови кандидати за клучни позиции во неговиот кабинет

Биткоинот достигна рекордни 98.000 долари