Утрински Весник
Македонија

(Анализа) Зголемена конкурентност, квалитет и повеќе инвестиции – Што носи „Планот за раст“ за Македонија

евра (1)

Земјите од Западен Балкан исправени пред историска шанса, со напорна работа низ сериозен реформски процес конечно да се влезе низ портите на Европската Унија. Ноемврискиот План за раст кој го усвои Европската Комисија, денеска во Скопје ја започна својата реализација. Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Албанија и Северна Македонија пред себе имаат “условени“ 6 милијарди евра“ , но на располагање ќе ги имаат само доколку ги исполнат реформите.

Оценет како “добра шанса за земјите“ ЕУ ги исправи лидерите пред сериозен предизвик. За периодот од 2024-2027 година мора ревносно да се работи на Реформи за усогласување со правото на ЕУ и со нивните фундаментални вредности и принципи, посебно во однос на владеењето на правото и судската независност. Повеќе инвестиции, поголем економски развој, но и решавање на споровите во регионот, како и споровите поврзани со минатото. Покрај конкретни социо-економски реформи, се споменува и владеење на правото, демократијата и почитувањето на основните човекови права и слободи. Транспарентност и надзор на буџетите, здраво управување со јавни финансии, како и макрофинансиска стабилност.

Со Планот за раст Македонија и земјите од регионот започнуваат нов циклус за забрзана социоекономска конверегенција кон Европската Унија. Поривот за побрзо ефектуирање на Планот е подеднаков кај лидерите на сите земји. По спроведувањето на Планот за раст на Западен Балкан, БДП-то по глава на жител треба да се удвои, од просечни шест илјади евра по глава на жител во регионот, на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните десет години.

„Кој е ефектот од она што го прави ЕУ со Планот? Прво е приближување помеѓу земјите од Западен Балкан нивно окрупнување и заедничко интегрирање во ЕУ. Планот предвидува 6 милијарди евра, а од нив две се неповратни средства, додека четири милијарди се во форма на заеми. Тоа според мене е едно покажување на позитивен сигнал, наспрема се поголемиот процент на население овде во Македонија кое е разочарано од ЕУ, што особено се гледа во македонскиот етнички блок“ вели професорот и економски аналитичар Синиша Наумовски коментирајќи го Планот на ЕУ за забрзан раст на Западен Балкан.

.Според него, овој план е важен за малите и средни претпријатија и значително ќе влијае на нивната конкурентност.

„Со овој план за раст и со забрзаното интегрирање на земјава во ЕУ, вие прво имате зголемување на конкурентноста тоа носи квалитет, од игра излегуваат оние кои не се квалитетни, повеќе нема да сме затворени и изолирани да бидеме само ние и нашите компании“ посочи Наумовски.

Што нуди Планот за раст на Западен Балкан?

Целта на Планот е да се поддржат земјите кандидати за членство или аспиранти за кандидатски статус да ги забрзаат реформите и да се зголеми нивниот економски потенцијал со цел побрз напредок во евроинтеграцискиот процес.

Планот се состои од четири столба: 1) Зголемување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската Унија; 2) Поттикнување на регионалната економска интеграција на Западен Балкан; 3) Забрзување на структурните реформи и поддршка на евроинтеграцискиот процес на Западен Балкан, подобрување на одржливоста на економскиот раст, привлекување странски инвестиции и зајакнување на регионалната стабилност и 4) Зголемување на финансиската поддршка за реформи и раст на земјите во регионот преку Фондот за реформи и раст, пишува Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата колумна.

Планот за раст е Отворање на единствениот пазар на ЕУ за земјите од Западен Балкан.

Според Бесими, приближувањето на земјите од регионот кон единствениот пазар на ЕУ би претставувало придобивка за сите граѓани од регионот. Всушност, ова е најсуштинскиот дел од Планот за раст на Западен Балкан. Во Планот се идентификувани седум првични приоритетни области, кои може да се отворат за земјите од Западен Балкан: 1) слободно движење на стоки, 2) слободно движење на услуги и работници, 3) пристап до Единствената европска платежна област, 4) интегрирање на патниот транспорт, 5) интегрирање на енергетските пазари, 6) единствен дигитален пазар и 7) интеграција во индустриските синџири на снабдување.

Планот на Унијата ги опфаќа четирите слободи на единствениот пазар на ЕУ, односно слободно движење на стоки, услуги, работници и капитал, како и одредени подсегменти на пазарот. Планот за раст може да се зголеми во просек за 10% БДП на регионот.

ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка од 6 милијарди евра за следниот четиригодишен период од кои 2 милијарди евра во форма на неповратни грантови и 4 милијарди евра во форма на заеми со поволни услови, кои ќе се обезбедат со ребаланс на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ.

Се очекува за Северна Македонија да бидат доделени 860 милиони евра, од кои околу една третина треба да бидат неповратна поддршка за инфраструктурни инвестиции.

Процесот никој не може да го блокира

Планот за раст на ЕУ е движечка сила кон просперитетна иднина на Западен Балкан, шанса за економски развој, можност да се забрза пристапот во Унијата, се дел од пораките коишто шестeмина лидери од Западен Балкан ги упатија на лидерската средба во Скопје. На средбата на која што учествуваше и Џејмс О’Брајaн, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, беше упатена јасна порака дека САД секогаш стојат зад Северна Македонија и ги поддржуваат напорите на Западен Балкан за интеграција во ЕУ.

„Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ. Со малку работа може да ги направиме работите подобри. Во процесот кон ЕУ никој нема никого да блокира, ниту има право на вето. Никој нема да го сопре другиот да напредува поради некакви нерешени билатерални спорови, а секоја земја што ќе се обиде да го направи тоа, ќе се соочи со последици“, порача американскиот помошник државен секретар Џејмс О‘Брајан.

Политиката настрана, во фокус економскиот раст, реформите и евроинтеграциите

Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан. Во овие клучни моменти за прогресот на регионот, а пред сè за македонската европска иднина, ЕУ и САД од овде, од Скопје испратија јасна порака за поддршката на ефикасната интеграција на Западен Балкан во ЕУ, истакна домаќинот на лидерската средба, Премиерот Димитар Ковачевски.

„Планот за раст на ЕУ го гледам како олеснувач кој ги отвора портите кон европскиот единствен пазар и кон слободниот проток на стоки, услуги, капитал и луѓе. Оваа структурирана рамка засилена со финансиска поддршка станува клуч за беспрекорна интеграција. Таа го охрабрува усвојувањето на европските регулативи и стандарди, промовирајќи интеграција и во регионот и во ЕУ. Планот е мост кој ги поврзува аспирациите со реалноста“, оцени Премиерот Димитар Ковачевски.

За Еди Рама, Економијата е поважна од историјата и недоразбирањата на Балканот. Премиерот на Албанија на лидерскиот состанок порача дека ова претставува голем тест на зрелоста што треба да го поминат земјите од регионот.

„Ова е првпат да разговараме само и исклучиво за економија, а не и за големи политички прашања за кои постојат значајни разлики меѓу нас и мислам дека е тоа добар предуслов за напредок на целиот регион и луѓето да ги почувствуваат благодетите и придобивките од тоа што го работиме, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека секогаш кога има можност, бара процесот за членство на Косово во ЕУ да се одвои од процес на нормализација на односите со Србија.

„ Процесот за членство на Косово во ЕУ треба да се одвои од процесот на нормализирање на односите со Србија. Разбирам дека ЕУ во суштина е добар сосед, но мора да се разбере дека не е лесно да се нормализираат односите со држава на која Западот не и е приоритет, ниту демократијата, рече Курти.

Состанокот во Скопје заврши со заедничка Декалрација во која 6-те земји од Западен Балкан се обврзуваат дека ќе работат на реформите кои ќе значат економска интергација на регионот во ЕУ.

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи