Од 2017 година па навака буџетот на министерството токму заради политичката определба да станеме членка на Алијансата и да ги достигнеме стандардите кои се потребни, но и заради потребата од континуирано инвестирање во одбраната, буџетот на одбраната расте, порача денеска на конференцијата „Година на европски можности“ министерката за одбрана Славјанка Петровска..
„Оваа година достигнуваме 2 проценти или 2,05 проценти, што е некаде над 300 милиони евра, но уште поважен дел е како ние тие пари ги трошиме. Над 30 проценти од овој буџет, што е огромна сума се планирани и тие ќе бидат потрошени во текот на оваа година, токму за модернизација, купување и набавка на опрема која годините наназад не била набавена, не заради тоа што Армијата немала побарување туку заради тоа што едноставно политиката во тоа некое време сметала дека одбраната на државата и Армијата не се доволен приоритет“ посочи министерката.
Според неа, членството во НАТО освен што ја обезбедува стабилноста и безбедноста на државата, битно влијае и на економската сигурност.
„Допрва, во периодот што следи, економските придобивки ќе се гледаат заради тоа што за кој било инвеститор без разлика дали станува збор за домашен или странски инвеститор пред да ја донесе одлуката или за основање или за проширување на бизнисот во една држава ги гледа параметрите на нејзината безбедност и стабилност. Нашето зачленување, конечно после 30 години зачленување во Алијансата , всушност ја дава најголемата сигурност, а тоа е сигурноста за безбедноста на државата“ порача Петровска.