Утрински Весник
Македонија

АВМУ поднесе тужба против МИОА за кршење на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Picture 738 660x500 1

– Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поднесе тужба против Министерството за информатичко општество и администрација, затоа што подолг временски период го прекршува Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Агенцијата и на другите корисници им префрла помалку средства од законски предвидените, изјави директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски.

Со законските измени од јули минатата година, како што појасни Трајчевски точно се утврди висината на средствата кои се одвојуваат од Буџетот на државата за финансирање на радиодифузната дејност – еден процент од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на Буџетот и се укина дискреционото право на Министерството овие проценти да не се реализираат доколку со тоа се нарушува праведната распределба на буџетските средства.

– Парадоксално е што предлагач на овој закон е токму МИОА, против кое сега поднесуваме тужба, изјави Трајчевски.

Со непочитувањето на законот, Трајчевски, нагласи дека на македонските медиуми, организации и здруженија, ќе им се ускрати и правото на пристап до фондовите од програмата „Креативна Европа 2021 – 2027 година“ со вкупен буџет од 2,5 милијарди евра, од кои 51 процент се наменети за сегментот на медиуми.

– АВМУ два пати се обрати до МИОА, укажувајќи му на неговите законски обврски, а се обративме и до претседателот на Собранието и до надлежните комисии.

Со оглед на тоа дека се исцрпени сите останати можности, поднесовме тужба пред надлежниот суд, изјави  Трајчевски.

Оваа состојба, како што појасни Трајчевски, не е само во последните месеци, туку трае неколку години, бидејќи министерство и пред законските измени го користело дискреционото право овозможено во законот од 2018 година и префрлувало помалку средства.

– За последните шест месеци агенцијата има добиено 4 милиони 812 илјади денари помалку.

Намалувањето е особено изразено овој месец, кога имаме добиено 1 милион 126 илјади денари помалку изјави Трајчевски.

Со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година, Трајчевски посочи, дека се пропишува оти средствата за работењето и развојот на МРТ, ЈП Македонска радиодифузија и АВМУ ќе се обезбедуваат од Буџетот на државата во висина од 0,8 проценти до 1 процент, од реализираните вкупни приходи во годината која претходи на фискалната година, со тоа што секоја година овие средства ќе се зголемуваат за 0,1 процент.

– Висината на износот од 2019 година требаше да изнесува 0,8 проценти, во 2020 година 0,9 проценти. Почнувајќи од 2021 година да изнесува еден процент.

Меѓутоа, со друг член беше пропишано дека овие проценти ќе се реализираат доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства и не влијае врз средствата планирани за сите буџетски расходни ставки.

Таквата формулација остави можност за дискрециони постапување, кое Министерството ја злоупотреби и наместо да се префрлаат средства во висина од еден процент во 2021, 2022 и до средината на 2023 година тие беа преполовени и изнесуваа и помалку од 0,5 проценти.

Со законските измени од јули 2023 година се укина ова дискреционо право и точно се утврди дека средствата се обезбедуваат од Буџетот во висина од еден процент.

Од нив Агенцијата треба да добие пет проценти, изјави Трајчевски.

Трајчевски, исто така, посочи дека од тоа што му е познато, и МРТ во следните денови ќе поднесе тужба против МИОА, бидејќи средствата што му се кратат се многу повисоки од тие на Агенцијата.

Можете да прочитате

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме

На „Блаце“ и „Табановце“ се чека од 30 минути до 60 минути