Утрински Весник
Свет

Курти: Убиен полицаец од Косово во Бањска, ова е терористички напад поддржан од Белград

Курти: Убиен полицаец од Косово во Бањска, ова е терористички напад поддржан од Белград

Косовскиот премиер Аљбин Курти на Фејсбук објави дека ноќеска околу 03:00 часот во селото Бањска во Лепосавиќ била нападната косовската полиција, при што еден полицаец е убиен, а друг повреден, пренесува Косово онлајн повикувајќи се на Коха.

dobivaj vesti na viber

Според овие извештаи, загинатиот полицаец (А.Б.) бил со чин наредник, а повредениот припадник на граничната полиција е надвор од животна опасност.

„Во овој момент продолжува пукањето од огнено оружје од различен калибар кон нашата полиција. Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје. Го осудуваме овој криминален и терористички напад. Организиран криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка на официјален Белград ја напаѓа нашата земја. Владата на Косово и државните институции се подготвени и во координација да одговорат на криминалот и криминалците, теророт и терористите“, рече Курти.

Се огласи и претседателката Вјоса Османи, која ги обвини „српските криминални банди“ за нападот врз полицајците.

Косовската полиција во соопштение изнесе детали за случајот. Како што прецизираат, единицата за брза интервенција на граничната полиција околу 02:34 часот забележала дека на влезот во село Бањска, односно преку мостот се поставени два поголеми камиони, без регистарски таблички и дека патот е блокиран.

„Единиците на Полициската станица Звечан, по добиеното известување, реагирале во врска со случајот и со три единици тргнале во правец на локацијата и веднаш штом пристигнале во близина на местото каде што била пријавена блокадата, наишле на отпор, кога од повеќе различни позиции било пукано кон нив од арсенал огнено оружје, вклучително и рачни бомби и гранати, а од престрелката биле застрелани двајца полицајци“, соопшти полицијата.

Единиците, додаваат дека реагирале во самоодбрана и успеале да го одбијат првичниот напад за да создадат услови за пружање помош и повлекување на застреланите колеги.

„Повредените полицајци се извлечени од локацијата и пренесени во Регионалната болница во Јужна Митровица, каде лекарот констатирал смрт на еден од тешко повредените полицајци, додека другите двајца полицајци се надвор од животна опасност“, додаваат од полицијата.

Како што наведуваат, на терен биле активирани сите релевантни полициски единици, „кои од време на време биле напаѓани со огнено оружје од различни позиции, од организирани и вооружени групи“.

„Косовската полиција во соработка и координација со надлежните институции и правосудни органи ги презема своите дејствија со цел да се зачува редот и јавната безбедност, како и да се изведат сторителите на напади врз полициски службеници пред правосудните органи“, додаваат оттаму.

Можете да прочитате

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд

Кендал: Земјите-членки на НАТО се вовлечени во „скриена кибервојна“ со Русија

Најмалку шест луѓе загинаа во вооружен инцидент во дискотека во Мексико